„Активно ја подготвуваме следната фаза на зближување со Европската Унија“, рече Зеленски / Фото: AFP

Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека Киев очекува почеток на преговорите за пристапување на Украина во Европската Унија (ЕУ) во јуни.

„Активно ја подготвуваме следната фаза на зближување со Европската Унија за јуни – очекуваме усвојување на преговарачката рамка и вистински почеток на преговорите за пристапување на Украина“, рече Зеленски во видеообраќањето доцна синоќа.

Зеленски истакна дека Украина и украинскиот народ го заслужуваат овој чекор, истакнувајќи дека и на ЕУ ѝ е потребен овој чекор не само во политичка смисла туку затоа што „животна крв на Европската Унија е да биде европски проект што не остава никого надвор од ЕУ.“

Европските лидери ѝ доделија на Украина кандидатски статус во јуни 2022 година и се согласија да ги отворат пристапните преговори во декември 2023 година.

„Денес и јас, исто така, бев задоволен што ја слушнав целосната поддршка од нашите европски пријатели за Самитот за мир - благодарен сум му на секој лидер што веќе го потврди своето учество на Самитот и подготвен е да ни помогне ефективно“, рече тој.

Понатаму Зеленски истакна дека лично ги поканил своите колеги од Молдавија, Чешка и Гана, како и премиерот на Ирска на Глобалниот самит за мир во Швајцарија од 15 до 16 јуни.

Минатата недела швајцарското Министерство за надворешни работи објави дека ќе организира Самит за Украина на 15-16 јуни во одморалиштето Бургенсток во кантонот Нидвалден надвор од градот Луцерн, за кој покани над 160 делегации од целиот свет.

На Самитот ќе се дискутира за формулата од 10 точки на Зеленски, која беше претставена на Самитот на Г-20 во 2022 година во Индонезија, а нејзин последен чекор е потпишување мировен договор. Исто така, ќе се фокусира на прашања како што се нуклеарната безбедност и безбедноста на храната и енергијата.

AA
Популарни