Кубанските електрани на нафта се мачат да преживеат користејќи застарена технологија инамален увоз на нафта од Венецуела, Русија и Мексико / Photo: Getty Images

Милиони луѓе на Куба останаа без електрична енергија кога денеска повторно се урна националната електрична мрежа, соопшти Министерството за енергетика и рударство.

Прекините на струја се голем проблем на островот, каде што жителите веќе се соочуваат со недостиг од храна, гориво, вода и лекови.

Министерството за енергетика и рударство на земјата соопшти дека електраната „Антонио Гитераш“, најголемиот производител на електрична енергија во земјата, престанала да работи околу 2 часот по полноќ по локално време, што доведе до колапс на мрежата на целиот остров.

Кубанските електрани на нафта веќе се мачеа да преживеат користејќи застарена технологија кога беа дополнително погодени оваа година од падот на увозот на нафта од Венецуела, Русија и Мексико.

Најголемиот снабдувач на нафта во Куба, Венецуела, ги намали субвенционираните испораки на просечни 32.600 барели дневно во првите девет месеци од оваа година, што е едвај половина од испорачани 60.000 барели дневно во истиот период минатата година.

Сето ова придонесе за повеќекратни прекини на струја низ државата во текот на изминатите два месеци.

Падот на системот во средата наутро го остави кубанскиот главен град Хавана, речиси целосно во мрак.

Според информациите објавени на социјалните мрежи, околу 10 милиони луѓе останале без струја на други места во Куба.

Министерството за енергетика и рударство соопшти дека работи на тоа електраната повторно да се приклучи на енергетскиот систем.

Енергетската мрежа на Куба се уриваше повеќе пати од октомври, кога залихите на гориво се намалија, и откако ураганот Оскар го погоди крајниот источен крај на островот, а потоа повторно во ноември и ураганот Рафаел.

И пред последниот колапс на електричната мрежа, владата, поради големиот недостиг на електрична енергија, ги затвори училиштата и дел од индустријата во обид да го одржи снабдувањето со електрична енергија. Владата ги оправдуваше прекините, кои во изминатите неколку месеци често траеја од 10 до 20 часа на ден, со лошата инфраструктура, недостатокот на извори на енергија и зголемената побарувачка, како и американските санкции воведени од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во претходниот мандат.

TRT Balkan / агенции
Популарни