Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, денеска во Тирана разговараше со шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, кој престојува во Тирана во рамките на Самитот Украина - Југоисточна Европа.
По состанокот, Хасани и Кулеба одржаа заедничка прес-конференција на која разговараа за руско-украинската војна, поддршката на Албанија за Украина и односите меѓу двете земји.
Хасани рече дека Албанија го поддржува суверенитетот, слободата, независноста и територијалниот интегритет на Украина.
„Албанија силно ја осудува руската агресија врз Украина и ќе продолжи да прави напори Русија да одговара за злосторствата извршени во Украина“, рече Хасани.
Хасани нагласи дека се во целосна координација со сите земји партнери и сојузнички за целосна поддршка на Украина.
„По завршувањето на правните и финансиските детали, ние сме во фаза на технички подготовки за отворање на Амбасадата на Албанија во Киев. Имавме искрен и конструктивен разговор за добрите и позитивни односи што постојат меѓу нашите две земји, т.е. разговаравме за начините и средствата за нивното движење нанапред, со цел зајакнување на врските меѓу Албанија и Украина“, рече Хасани.
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, изјави дека со неговиот албански колега разговарале за билатералната, но и за меѓународната соработка.
Тој нагласи дека самитот Украина - Југоисточна Европа покажува колкава почит ужива Албанија во регионот.
„Самитот ќе испрати јасна порака дека остануваме обединети и заедно ќе ги браниме нашите заеднички вредности“, рече Кулеба.
Украинскиот министер го информираше својот албански колега за ситуацијата на фронтот и за секојдневните руски напади со беспилотни летала и ракети.
„Многу е важно Русија да одговара за злосторството агресија и воените злосторства извршени за време на војната. Сакаме да ги интензивираме нашите напори во таа насока“, рече Кулеба, нагласувајќи дека Албанија е добар пријател на Украина.
Министрите за надворешни работи на Украина и Албанија исто така потпишаа договор за воспоставување работен однос за членовите на семејствата од членовите на дипломатските или конзуларните претставништва.
Основната цел на договорот е да се овозможи и олесни вработувањето на членовите од семејствата на членовите на дипломатските или конзуларните претставништва врз основа на реципроцитет, во согласност со законодавството на двете земји.