Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вели дека најмалку десетина земји се заинтересирани да се приклучат на блокот на економии во развој БРИКС.
„Интересот за оваа глобална асоцијација е многу, многу голем и продолжува да расте. Не се само Алжир, Аргентина и Иран. Всушност, има повеќе од десетина земји“, рече министерот на прес-конференција во Москва, по средба со неговиот индиски колега Субрахмањам Џаишанкар.
Во моментов, земјите од БРИКС- Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка -- разработуваат формални критериуми за влез во блокот, додаде Лавров.
„Бидејќи апликациите веќе се официјално доставени, се разбира, очекуваме дека разработката на критериумите и принципите за прием на нови членки во БРИКС нема да трае предолго“, рече тој, истакнувајќи дека прво е неопходно да се разбере како блокот ќе се развива понатаму во потенцијално проширен состав.
Лавров ја пофали руско-индиската соработка, велејќи дека обемот на билатералната трговија наскоро ќе достигне 30 милијарди долари.
Тој информираше и дека Русија и Индија продолжуваат со разговорите за заедничко производство на напредно оружје, а земјите успешно ја развиваат соработката во областа на атомската енергија и истражувањето на вселената.
Министерот рече дека го информирал Џаишанкар и за деталите од руската „специјална воена операција“ во Украина.
„Разговаравме за ситуацијата што во моментов се развива околу обидите на нашите западни колеги, под изговор дека е поврзано со украинските настани, да ја зајакнат својата доминантна улога во светските работи и да не дозволат демократизација на меѓународните односи“, рече тој.
Состанок за Авганистански следната недела во Москва
Лавров, исто така, објасни зошто претставниците на талибанците, де факто владетели на Авганистан, не биле поканети на состанокот за Авганистан што ќе се одржи во Москва следната недела.
Според министерот, талибанците не успеале да ги исполнат своите ветувања за реформи во земјата и да создадат „поинклузивна влада“, која би имала претставници на различни политички, етнички и верски групи.
Но, Лавров вети дека Русија ќе им ги пренесе на талибанците резултатите од работата на состанокот во Москва.
„Имаме редовен контакт со претставниците на талибанците. Тие ќе бидат информирани што ќе прават учесниците на состанокот во Москва. Се разбира, немаме никакви тајни од претставниците на Авганистан, темелно ќе ги брифираме талибанците и другите политичките сили кои постојат таму“, рече тој.
На состанокот во Москва ќе бидат присутни Русија, Индија, Иран, Казахстан, Киргистан, Кина, Пакистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан. На претходниот состанок, одржан на 20 октомври минатата година, присуствуваше и талибанската делегација предводена од заменик-претседателот на привремената влада Абдул Салам Ханафи.
Новата средба, според претставникот на рускиот претседател за Авганистан, Замир Кабулов, ќе се одржи на 16 ноември.
Индија „силно се противи“ на војната Москва-Киев
Од своја страна, Џаишанкар рече дека Индија силно се противи на војната во Украина, бидејќи конфликтот создава немири во другите делови на светот.
Тој исто така нагласи дека ситуацијата во Авганистан нема толку внимание колку што заслужува.
Џаишанкар го избегна директниот одговор на прашањето за позицијата на Индија за воведување ограничувања на цената на руската нафта, велејќи дека Индија има голема побарувачка на јаглеводороди.
„Ние имаме должност (пред нашиот народ) да имаме пристап до глобалниот енергетски пазар по најпрофитабилни услови“, рече тој.