Москва сè уште верува дека нуклеарното оружје е „средство за спречување војна“, рече Лавров / Photo: Reuters

Употребата на ракетите ATAЦMС на територијата на регионот Брјанск во Русија е сигнал дека Западот сака ескалација, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

На прес-конференцијата на самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро, Лавров истакна дека таквите напади би биле невозможни без учество на САД и предупреди дека Москва ќе реагира на дозволата на САД Киев да изврши удар длабоко во руска територија.

„Фактот што ATAЦMС беше неколку пати користен ноќеска е сигнал дека сакаат да ескалираат. Без Американците е невозможно да се користат овие високотехнолошки ракети, за кои зборуваше и претседателот на Русија Владимир Путин. И тој напомена дека нашата позиција ќе се промени ако се одобри дострел од 300 километри. Во суштина, ова не е овластување за Украина да користи ракети со долг дострел, тоа е едноставно најава дека сега ќе пукаме до 300 километри“, рече Лавров.

Тој изјави дека руската страна ги прочитала информациите во медиумите за одлуката на САД да ѝ дозволи на Украина да користи ракети за да напаѓа длабоко во Руската Федерација, но, додаде, ниту Белата куќа ниту Пентагон се уште не ја потврдиле оваа информација.

„Доколку се користат ракети со долг дострел од територијата на Украина до територијата на Руската Федерација, тоа ќе значи дека тие се контролирани од американски воени експерти и тоа ќе го сфатиме како квалитативно нова фаза од западната војна со Русија и ќе реагираме соодветно“, рече рускиот министер.

Тој исто така изјави дека не може да ги потврди информациите за тоа дека САД ѝ дозволуваат на Украина да ја нападне Русија со ракети со долг дострел.

Според него, Москва се надева дека Западот внимателно ќе ја проучи ажурираната руска нуклеарна доктрина.

„Денес официјално беа објавени основите на нашата нуклеарна доктрина, начинот на кој ја читаа Повелбата на ОН, гледајќи го само она што им треба таму и доктрината во целост и меѓусебна поврзаност“, додаде Лавров.

Тој прецизираше дека ажурираната нуклеарна доктрина на Русија не содржи ништо за што Западот не знае.

Како што наведе, Москва сè уште верува дека нуклеарното оружје е „средство за спречување војна“.

„Ние строго се придржуваме до ставот дека мораме да направиме се што е потребно за да спречиме нуклеарна војна“, рече Лавров, одговарајќи на прашањето дали Русија би можела да употреби нуклеарно оружје како одговор на ракетниот напад на Брјанск.

Тој прецизираше дека ажурираната нуклеарна доктрина не содржи ништо за што Западот не е свесен и што би било различно од она што е наведено во американските доктринарни документи за нуклеарното оружје.

Коментирајќи го ставот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за конфликтот во Украина, Лавров оцени дека политичарите кои се залагаат за мир, а не за војна, се достојни за поддршка.

Тој, исто така, додаде дека го смета за „одговорен“ односот на германскиот канцелар Олаф Шолц во одбивањето да ги достави проектилите Таурус на Киев.

„Сите ги гледаме истите факти, анализираме како дипломати, како новинари, дали Шолц има принципиелна политика... Верувам дека оваа позиција на Шолц е одговорна позиција“, рече Лавров и потсети дека факт е дека позицијата на германскиот канцелар се разликува од позицијата на Велика Британија и Франција.

TRT Balkan / агенции
Популарни