Лавров: Условите на Украина се крајно нереални и несоодветни / Фото: Ројтерс / Photo: Reuters

Условите на Украина за мировните преговори се намерно „нереални и несоодветни“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Лавров на прес-конференцијата на Самитот Г20 во Индонезија рече дека Москва ја потврдува својата спремност да води мировни преговори со Киев.

„Ако некој одбива, тоа е Украина. И што подолго одбива ќе биде потешко да преговара“, рече Лавров.

Шефот на руската дипломатија додаде дека на маргините на самитот во Бали за тоа прашање кратко разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.

„Ги потсетив дека сите проблеми се на украинската страна, која категорички одбица да води било какви преговори и поставува услови кои намерно се нереални и несоодветни во оваа ситуација“, рече Лавров.

Обраќањето на уркаинскиот претседател Владимир Зеленски на самитот Г20 го нарече „воинствено агресивно и русофобично“.

Во врска со продолжувањето на договорот за извозот на жито од украинските црноморски пристаништа, Лавров рече дека рускиот услов за тоа ќе биде имплементацијата на договорот за рускиот извоз на храна и ѓубрива.

Лавров рече дека со својот турски колега Мевлут Чавушоглу разговарал и за договорот за жито и подготовките за завршната декларација на Г20.

Тој го обвини Западот дека се обидува да ја политизира декларацијата со осудувањето на Русија во името на целата група. Меѓутоа, одлучено е Западот да ја додаде изјавата дека „многу делегации ја осудија Русија“ додека Москва смета дека постојат „алтернативни мислења“.

„Сметаме дека ова е сосема доволно за да не се влегува длабоко во ова прашање. Тоа воопшто не е работа на Групата 20“, рече Лавров.

TRT Balkan / агенции
Популарни