Според најавите, главни теми на средбата ќе бидат поддршката за Украина, плановите за одвраќање и одбрана на Пактот, зајакнувањето на одбранбена индустрија и инвестициите и зајакнување на глобалните партнерства. / Photo: AA

Во Вашингтон утре почнува тридневната средба на шефовите на држави или влади на земјите членки на НАТО со која ќе се одбележи 75-годишнината од формирањето на Алијансата во 1949 година.

На Самитот ќе учествува и македонска делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски.

Според најавите, главни теми на средбата ќе бидат поддршката за Украина, плановите за одвраќање и одбрана на Пактот, зајакнувањето на одбранбена индустрија и инвестициите и зајакнување на глобалните партнерства, но со примарна цел за манифестирање на единство меѓу сојузниците.

Самитот се одржува во време на напредување на руските сили долж линијата на фронтот во источна Украина, кога европските сојузници прават напори да ја пренасочат економијата на одбранбена основа и во услови на избори во неколку клучни земји членки.

Во таква ситуација примарна задача на средбата ќе биде да се изнајдат нови начини и средства за поддршка на Украина, но не само на зборови, туку со преземање на конкретни ангажмани.

Членките на НАТО се согласија за обезбедување на воена помош во вредност од 40 милијарди евра за следната година, како и да и достават на Украина дополнителни системи за противвоздушна одбрана, откако Киев изминативе месеци инсистира на поголема поддршка за заштита од руските напади со ракети и дронови врз украинската критична и цивилна инфраструктура.

Тука паралелно се провлекува и прашањето за членството на Украина во НАТО.

Во пресрет на самитот се водеше дебата околу формулацијата на поддршката на членките на НАТО за идното членство на Украина во Алијансата, при што беше јасно поставена црвената линија дека нема прием на земјата во Пактот се додека на заврши конфликтот на украинска територија.

На ова се надоврзува и втората црвена линија дека НАТО нема да испраќа свои сили на теренот во Украина.

Се очекува лидерите на НАТО да се обврзат и за поддршка на одбранбената индустрија и за изработка на национални стратегии за производство на оружје, чија основна цел ќе биде зајакнување на националните индустриски капацитети, но и построга стандардизација на муницијата за да се обезбеди нејзина интероперабилност на бојното поле.

Според податоците, во моментов 14 членки отстапуваат од правилата на Алијансата во оваа сфера.

Потребата за зајакнување на одбранбената индустрија се јави како последица на војната во Украина, при што членките на НАТО се најдоа прид задача да ги надополнат своите залихи на оружје и муниција, кои беа во постојано намалување по завршувањето на Студената војна и во исто време да обезбедуваат одбранбени системи, гранати и муниција за украинските сили за одбрана од руската агресија.

Покрај финансирањето на одбранбениот сектор се очекува да се посвети внимание и на привлекување на повеќе приватни инвеститори во оваа сфера и на обезбедување на поголем пристап на воената индустрија до средства за иновации и развој.

Неодминливо ќе биде и прашањето на воените трошоци во однос на поставената цел за издвојување на средства во висина од најмалку два проценти од БДП за одбраната.

Според податоците, вкупно 23 од 32-те членки на НАТО, меѓу кои и Северна Македонија, во 2024 година ја оствариле оваа цел или ќе ја остварат до крајот на годината, што е повеќе од двојно повеќе во споредба со лани, кога условот го исполнуваа само 10 сојузници.

Земјава со издвоени средства за одбраната од 2,22 отсто е на 11-то место според висината на стапката на средствата од БДП.

„Шампион“ во оваа класификација е Полска со 4,12 проценти од БДП, пред Естонија со 3,43, САД со 3,38 и Летонија со 3,15 отсто.

Натаму до десеттото место следуваат Грција со 3,08 проценти од БДП, Литванија со 2,85, Финска со 2,41, Данска со 2,37, Велика Британија со 2,33 и Романија со 2,25 отсто.

По земјава, на 12-то место е Норвешка со трошоци за одбраната од 2,20 отсто од БДП, пред Бугарија со 2,18, Шведска со 2,14, Германија со 2,12, Унгарија со 2,11, Чешка со 2,10, Турција со 2,09, Франција со 2,06, Холандија со 2,05, Албанија со 2,03, Црна Гора со 2,02 и Словачка со два отсто, како последна, 23-та, земја сојузничка која го достигнала прагот од два проценти.

Под прагот и натаму остануваат Хрватска со 1,81 отсто, Португалија со 1,55, Италија со 1,49, Канада со 1,37, Белгија со 1,30, Луксембург и Словенија со по 1,29 и на последното место е Шпанија со 1,28 проценти од БДП издвоени за одбранбени трошоци.

Во некои кругови веќе се споменува идејата за поместување на целта на три отсто од БДП, но според дипломатски извори тоа засега останува само „далечна перспектива“.

Покрај лидерите на членките на НАТО на Самитот како гости ќе присуствуваат и високи претставници на ЕУ и на партнерските земји , пред се оние од Индо-Пацификот, како дел од напорите за зацврстувањето на глобалните партнерства на Алијансата со државите од овој регион.

Инаку, ова ќе биде последен Самит на актуелниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој во октомври оваа должност ќе му ја предаде на донеодамнешниот холандски премиер Марк Руте.

Столтенберг во петокот најави дека на Самитот ќе се разговара за засилувањето на одвраќањето и одбраната, зајакнување на трансатлантската одбранбена индустриска соработка и зголемувањето на одбранбеното производството и зацврстувањето на глобалните партнерства, но дека „најитната задача“ ќе биде поддршката за Украина и дека очекува лидерите на членките на НАТО да договорат „значителен пакет“ за Киев.

„НАТО ќе ја преземе координацијата и обезбедувањето на најголемата меѓународна безбедносна помош“, изјави Столтенберг, додавајќи дека очекува на Самитот да бидат постигнати договори финансиска помош и понепосредна воена поддршка за Украина, да бидат склучени повеќе билатерални безбедносни спогодби меѓу земјите членки и Киев и да се продлабочи воената интероперабилност со земјата.

На прашањето дали на средбата ќе стане збор за „внатрешни прашања“, како резервите на одредени членки кон поддршката на Украина, ризиците од влез на екстремната десница во владата во Париз, зависноста на шпанската Влада од поддршката на екстремните левичари, исходот од претседателските извори во САД или прашањето за здравствената состојба на американскиот претседател Џо Бајден, Столтенберг дипломатски одговори дека самитите на НАТО секогаш се одржуваат во внатрешен политички контекст, но дека неговиот успех произлегува од фактот што „секогаш останува настрана од внатрешните политички прашања“.

TRT Balkan / агенции
Популарни