Според грузиското МВР, за време на протестите во Тбилиси изминативе денови, приведени се 224 лица, а повредени се 113 полицајци / Photo: AA

Лидерот на грузиската опозиција Зураб Џапаридзе од Коалицијата за промени е уапсен утрово, а локалните медиуми објавија видео на кое се гледа како Џапаридзе го вовлекуваат во полициски автомобил без ознака.

Партиските лидери се обидуваат да утврдат каде го одвела полицијата, јавува порталот „Грузија денес“.

На приведувањето му претходеше судир меѓу полициските сили и демонстрантите на протестите предизвикани од минатонеделната најава на владата дека ги прекинува преговорите за пристапување во Европската унија.

Во неделата вечерта, демонстрантите повторно се собраа во Тбилиси на централната авенија Руставели, некои од нив фрлаа факели кон полицијата, која одговори со водени топови и солзавец.

Според Министерството за внатрешни работи на Грузија, за време на протестите кои се одржаа во Тбилиси изминативе денови, приведени се 224 лица поради ситно хулиганство, отпор и непослушност кон полицијата.

Во соопштението се наведува дека се приведени три лица осомничени дека нападнале полицајци при вршење на службената должност и со подметнување пожар предизвикале имотна штета и против нив ќе биде поднесена кривична пријава.

„Како резултат на незаконските и насилни дејствија на учесниците на синоќешниот собир повредени се 21 вработен во МВР. Некои жртви се здобиле со тешки телесни повреди на главата, лицето и телото. Вкупно во последните дејствија нарушено е здравјето на 113 припадник на МВР, од кои четворица сѐ уште се во медицински установи“, се наведува во соопштението.

За време на митингот некои учесници ја оштетиле зградата на парламентот и инфраструктурата лоцирана на авенијата Руставели.

TRT Balkan / агенции
Популарни