Премиерот на Албанија, Еди Рама, се сретна со претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој престојува во официјална посета на Албанија, при што беа потпишани повеќе договори меѓу двете земји.
По средбата, Рама и Макрон одржаа заедничка прес-конференција во седиштето на премиерот на Албанија.
На прес-конференцијата стана збор за односите меѓу двете земји, евроинтегративниот процес, случувањата во регионот и други прашања.
Рама: Ова е посета на посветеност за натамошно продлабочување на односите меѓу Франција и Албанија
Рама рече дека присуството на претседателот Макрон ја потврдува вербата дека европскиот пат на Албанија и растот на Албанија во амбицијата да стане Европа на Балканот е неповратен.
Премиерот Рама нагласи дека веќе има повеќе од 100 години дипломатски односи меѓу Франција и Албанија и додаде дека договорот за стратешко партнерство што го потпишаа со Франција пред неколку години, „е камен-темелник на кој во иднина ќе изградат широк пат за соработка“.
„Оваа посета е многу повеќе од формална посета, таа е пријателска посета и е посета на посветеност за дополнително продлабочување на односите меѓу Франција и Албанија, кои ако ги погледнеме сите конкретни податоци, доживеаја неочекуван развој, но и долгоочекуван развој во последниве години, како резултат на повторното ангажирање на Франција во регионот преку директен ангажман на претседателот (Макрон) во потрага по многу конкретни и многу продуктивни односи, за Европската Унија и за Западен Балкан“, додаде Рама.
Во врска со неодамнешните тензии во Косово и процесот на дијалог меѓу земјите, Рама нагласи дека двете страни имаат план на маса, а тоа е француско-германскиот план, кој според него, „е најдоброто нешто што може да му се случи на Косово“.
Премиерот Рама истакна дека националниот ден на жалост во Белград е антиевропски скандал.
Макрон: Ако Европа сака себеси да се смета за сила, треба повторно да се обедини
Претседателот Макрон за време на својот говор рече дека ќе продолжат да одат напред и додаде дека е убеден дека Албанија е закотвена земја во Европа.
Тој нагласи дека да се биде во Албанија значи дека тоа означува форма на повторно ангажирање на Франција за земјата и за регионот.
Зборувајќи за процесот на проширување на ЕУ и евроинтеграциите на Албанија, тој рече: „Тоа не е подарок што ѝ се дава на Албанија и на нејзиниот народ. Процесот на проширување што започна е добар за вас, добар е за нас и е геополитички избор и заедничка волја. Во спротивно, ќе има ризик овие бескрајни процеси да го обесхрабрат јавното мислење, дури и на најеврофилите.“
Во врска со Европската политичка заедница, Макрон истакна: „Повеќе целиме кон унија меѓу сличните каде што со почит зборуваме за заедничките прашања, како што се одбраната, имиграцијата, енергијата и геополитиката. Ако Европа сака себеси да се смета за сила, ако треба да има геополитичка судбина, треба повторно да се обедини“.
За неодамнешните тензии на северот на Косово, Макрон рече: „Со голема внимателност ги следиме тензиите што постојат меѓу Приштина и Белград. Франција и Германија дадоа предлог-упатство што мислам дека е силно и добро, и очекуваме да биде почитувано од двете страни. Мислам дека е одговорност на Вучиќ недвосмислено да ги осуди актите од 24 септември, бидејќи тоа придонесува за враќање на смиреноста на границата. Тоа што очекуваме од косовските и српските власти е едноставно, реорганизација на изборите во општините каде што се одржаа во несоодветни услови, учество на Србите на овие избори и во институциите, и признавање на асоцијацијата на српските општини од страна на косовските власти.“
„Очекувам претседателот Вучиќ да биде одговорен, истото тоа го очекувам и од претседателката и премиерот на Косово. Тоа го кажувам многу јасно; ние им верувавме за прашањето за визите, прашањето е суспендирано од Франција затоа што се работи за почитување на дадениот збор и зборот не се одржува. Очекувам двете страни да се обврзат да напредуваат во наредните недели. Тоа е услов за мир во целата област“, рече Макрон.
Францускиот претседател зборуваше и за неодамнешниот конфликт и тензиите на Блискиот Исток.
„Имаме контакти со израелските власти, имаме контакти со многу сили, со Хамас за да се постигне ослободување на француските заложници и сите други заложници. Франција отсекогаш многу остро ги осудувала овие практики. Ја изразив нашата солидарност за Израел, за израелскиот народ од терористичкиот напад што го претрпе. Побарав почитување на хуманитарното право, меѓународното право и заштита на цивилното население и неескалација на конфликтот во Либан“, нагласи Макрон.
Во рамките на посетата на претседателот Макрон беа потпишани повеќе договори за соработка меѓу Албанија и Франција, како што се патоказот за економска соработка, меморандумот за разбирање за меѓусебна соработка меѓу Советот на министри на Република Албанија претставен од Државната агенција за Стратешко програмирање и координација на Француската агенција за помош и развој (AFD), договорот за соработка меѓу Министерството за култура на Албанија и Националниот центар за кино и анимирани слики на Француската Република и декларации за зајакнување на полициската соработка на балистичкото поле.
За време на официјалната посета, Макрон се сретна и со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.