Циркулаторните заболувања во ЕУ биле причина за смрт на 1,7 милиони, а ракот на 1,2 милиони луѓе. / Photo: ТРТ Балкан

Болестите на циркулаторниот систем биле главната причина за смртност во најголем дел од земјите на ЕУ во 2020 година,покажуваат податоците кои ги објави европската статистичка агенција Евростат. Ова не било случај единствено во Данска, Ирска, Франција и Холандија каде ракот имал најголема смртност. Циркулаторните заболувања во ЕУ биле причина за смрт на 1,7 милиони, а ракот на 1,2 милиони луѓе.

Меѓу членките на ЕУ, најголем удел на смртни случаи поради болести на циркулаторниот систем е забележан во Бугарија (61 %), а најмал во Франција (20 %). Најголем удел на смртни случаи поради рак е забележан во Ирска (29 %), а најмало учество во Бугарија (15 %).

Болестите на циркулаторниот систем и ракот заедно претставуваа 55 % од причините за смрт во ЕУ. Најголема смртност е регистрирана во Бугарија 76 % и Белгија 42 %.

Ова покажува дека и покрај пандемијата на Ковид-19 вирусот не бил меѓу првите два фактори за смрт во Европската унија. Во годината кога изби пандемијата, Ковид-19 беше третата главна причина за смртност во ЕУ, со вкупно речиси 439.000 смртни случаи. Најголем дел од смртните случаи поради Ковид-19 се регистрирани во Белгија (18 %) и Шпанија (15 %), додека најниски во Финска и Естонија (1 %).

Стапката на смртност беше највисока во Бугарија, а најниска во Франција.

За да се направи посеопфатна споредба меѓу земјите, апсолутните бројки на смртни случаи низ земјите треба да се прилагодат на големината и структурата на населението. Со 1.787 смртни случаи на 100.000 жители, Бугарија имаше највисока стапка на смртност во ЕУ во 2020 година. По неа следат Романија со 1.622, Унгарија со 1.513, Литванија со 1.482 и Летонија со 1.445.

На спротивниот крај на скалата, најниска стапка на смртност во земјите на ЕУ е забележана во Франција 863 смртни случаи на 100.000 жители и Ирска 892, пред Луксембург 905, Финска 917 и Шпанија 919.

TRT Balkan / агенции
Популарни