Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека земјата ќе испрати борбени авиони Мираж 2000 во Украина, а Украинците во Франција ќе бидат обучени да управуваат со овие авиони.
„Утре ќе започнеме нова соработка и ќе објавиме продажба на Мираж 2000-5, француски борбени авиони кои ќе и овозможат на Украина да ја заштити својата почва, својот воздушен простор“, рече Макрон во четвртокот, пренесува БФМ ТВ.
Макрон повтори дека на Украина треба да и се дозволи да користи оружје обезбедено од нејзините западни сојузници за да ги гаѓа руските воени цели и да ги „неутрализира точките од кои земјата се напаѓа“.
Пред денешната средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, Макрон изјави и дека Украинците ќе присуствуваат на обука во Франција за управување со овие авиони, која ќе трае пет до шест месеци, почнувајќи од ова лето.
„Не сакаме ескалација на војната“, рече Макрон, додавајќи дека со купувањето на авионите Киев ќе има капацитет да се брани.
Зеленски е во Франција, каде вчера учествуваше на одбележувањето на 80-годишнината од истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија.
Зеленски денеска ќе се сретне со француските производители на одбранбена индустрија, ќе се обрати во францускиот парламент и ќе разговара со францускиот претседател, пренесува Политико.