Над 800.000 луѓе во 2021 година добиле државјанство од земја членка на ЕУ каде претходно живееле. Со државјанство од членките на ЕУ се стекнале 827.000 луѓе и тоа претставува зголемување од околу 14 отсто или 98.300 државјани повеќе во споредба со 2020 година, утврди европската статистичка агенција Евростат.
Најголемо зголемување кај државјанствата има во Франција. Во оваа држава биле доделени 43.900 државјанства повеќе отколку во 2020 година. На второто место е Германија каде се добиени 18.800 државјанства повеќе од 2020 година. Потоа следуваат Шпанија со 17.700, Шведска со 9.200 и Австрија со 7.200 државјанства повеќе отколку во 2020 година.
Спротивно на ова, најголемите намалувања се забележани во Италија каде биле доделени 10.300 државјанства помалку од 2020 година, потоа во Португалија каде биле доделени 7.600 државјанства помалку од 2020 година, Грција со 3.200 помалку и Финска со 1.200 помалку. Вкупно имало 10 земји од ЕУ кои забележале намалување на бројот на доделени државјанства.
Како и во 2020 година, мнозинството или 85 отсто од оние кои добиле државјанство на земја-членка на ЕУ во 2021 година биле претходно државјани на земја која не е членка на ЕУ или биле без државјанство. Граѓаните на друга земја на ЕУ сочинуваат 13 отсто од вкупниот број на стекнати државјанства.
На 1 јануари 2022 година, граѓаните на ЕУ претставуваа 94,6 отсто од населението на ЕУ.
Најголеми приматели на државјанства на ЕУ
Во 2021 година, слично како и во 2020 година, Мароканците биле најголемата група меѓу новите граѓани на ЕУ. Со државјанство од ЕУ се стекнале 86.200 Мароканци. Според Евростат, 71 отсто од нив добиле државјанство на Шпанија и Франција. Потоа следуваат Сиријците со 85.300 државјанства. Најголем дел од нив добиле државјанства на Шведска и Холандија. Во 2021 година, 32.300 Албанци стекнале државјанство од држава од ЕУ, а 70 отсто од нив добиле државјанство на Италија.
Романците со 28.600 државјанства се на четврто место. Во 33 отсто од случаите, државјаните на Романија се стекнале со државјанство на Италија.
Турците добиле 25.700 државјанства од кои речиси половина од Германија, Бразилците имаат 20.400 државјанства, од кои 65 отсто на Португалија и Италија, Алжирците во 2021 добиле 19.300 државјанства, од нив 80 отсто од Франција.
Украинците добиле 18.200 државјанства, повеќе од една третина од Полска и Италија, Русите добиле 17.300 државјанства на ЕУ, а 45 отсто од нив стекнале државјанство на Германија и Франција. Пакистанците добиле 16.600 државјанства, од кои 62 отсто се стекнале со државјанство на Шпанија и Италија.
Романците со 28.600, Полјаците со 12.500 и Италијанците со 10.100 останаа трите најголеми групи граѓани на ЕУ кои стекнале државјанство на друга земја-членка на ЕУ, непроменети од претходните години.
Државјанствата доделени во пет земји Шпанија, Франција, Германија, Италија и Шведска сочинуваа 75 отсто од државјанствата во ЕУ во 2021 година. Поголемиот дел од новите државјанства во ЕУ беа доделени од Шпанија 144.000, 17 отсто од вкупниот број, Франција 130.400, 16 отсто, Германија 130.000, 16 отсто, Италија 121.500, 15 отсто и Шведска 89.400 или 11 отсто.
Највисока стапка на натурализација во Шведска
Стапката на натурализација е односот на бројот на лица кои стекнале државјанство на една земја во текот на една година во однос на бројот на жители кои не се државјани во истата земја на почетокот на годината.
Во 2021 година, највисоката стапка на натурализација меѓу земјите на ЕУ беше регистрирана во Шведска, со 10 доделени државјанства на 100 резидентни не-државјани. По Шведска следеа Холандија со 5,4, Романија 4,6, Португалија 3,7 и Белгија и Шпанија двете по 2,7.
На другиот крај на скалата, стапките на натурализација под 1 стекнување државјанство на 100 резидентни не-државјани беа забележани во Литванија 0,2, Латвија 0,3, Естонија 0,5 и Чешка, Хрватска и Словачка по 0,7.