Британскиот министер за одбрана Џон Хили не ги потврди информациите дека Украина истрелала ракета со долг дострел од британско производство на руска територија

Украина првпат истрела кон Русија проектили „Сторм Шедоу“ (Storm Shadow) произведени во Велика Британија, според бројните извештаи на британските медиуми денеска.

Нападот се случи еден ден по првата употреба од страна на Украина на американски ракети со долг дострел ATAЦMС на руска територија, што следеше по одобрувањето на американскиот претседател Џо Бајден.

Британскиот весник „Гардијан“ на почетокот на неделава објави дека Обединетото Кралство наскоро ќе одобри употреба на ракетите Сторм Шедоу врз цели на руска територија.

Претходно, британскиот премиер Кир Стармер изјави дека меѓународната заедница мора да ја удвои својата поддршка за Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот потпиша указ за одобрување на ажурираната руска нуклеарна доктрина, речиси два месеци откако предложи промени во неа.

Британскиот министер за одбрана Џон Хили не ги потврди информациите дека Украина истрелала ракета со долг дострел од британско производство на руска територија.

Тој додаде дека акцијата на Украина на бојното поле зборува сама по себе.

Хили исто така, рече дека вчера разговарал со својот украински колега и дека разговарале за „силниот одговор“ на Украина на неодамнешната ескалација од страна на Русија и планот на Велика Британија да ја поддржи Украина до 2025 година.

„Во моментов не можам да навлегувам во дополнителни оперативни детали“, рече тој.

TRT Balkan / агенции
Популарни