Во 67 држави и територии и натаму се поставени стотици илјади нагазни мини      Фото: AFP

Над 25 години поминаа од првата меѓународна забрана за употреба на нагазни мини. Исто толку време и 4 април од страна на Обединетите нации се одбележува како Меѓународен ден за свесност од мините и нивната опасност.

Според најновите податоци, 67 држави и територии и натаму се загрозени од мински полиња како резултат на активни или поранешни војни и конфликти. Овие експлозивни средства се директна закана за цивилното население, безбедноста и за социоекономскиот развој.

Најмногу страдаат цивили, од кои половина се деца

Во изминатиот период забележано е ново поставување мини во Украина од страна на руските сили како и од владините сили на Мјанмар во справување со внатрешните немири.

Во Украина е забележано и поставување импровизирани експлозивни стапици на загинати војници, Наводите за употреба на мини од страна на украинските сили од почетокот на војната во февруари 2022 година засега не се потврдени во извештајот на Мониторот за нагазни мини и кластерска муниција.

Исто така нотирани се и поставувања на мини од страна на вооружени групи кои се не се под државна контрола во вкупно пет земји низ светот каде има активни конфликти.

Со тоа расте и бројот на жртви во последните седум години од 2015 година наваму, од кои повеќето се цивили, а од нив дури половина се деца, за жал по една деценија на намалува како на бројот на поставени мини, така и на бројот на жртви.

Главните забелешки на меѓународните монитори се дека руските сили употребуваат седум видови на мини кои според конвенциите за водење војна се сметаат за забранети, додека пак критиките за властите на Мјанмар се дека неселективно поставуваат мини особено околу критична инфраструктура.

Во 2021 година најмалку 2.182 луѓе загинале од нагазни мини, а 3.335 се повредени. Дури 1.696 од жртвите се деца.

Една четвртина од државите не се потписнички

Конвенцијата за забрана на употреба, складирање, производство и пренос на противпешадиски мини и за нивно уништување е еден од клучните документи на ОН кој ја регулира употребата на ова оружје.

Досега 164 држави членки на ОН ја имаат потпишано и усвоено конвенцијата чии правила треба да ги почитуваат, што покажува дека и натаму има многу земји кои се надвор од оваа регулатива и не ја применуваат во националното законодавство.

Според членот 5 од конвенцијата секоја држава членка се обврзува да ги уништи на сите противпешадиски мини во минирани области под нејзина јурисдикција или контрола, што е можно поскоро, и има рок од 10 години откако ќе ја ратификува конвенцијата.

Најголеми производители на мини се Русија, Кина, Индија, при што забележани се мини произведени во изминатите три години.

TRT Balkan / агенции
Популарни