Комисијата посети вкупно 27 градови и населени места и интервјуираше 150 жртви и сведоци     Фото: Ројтерс

Истражното тело под мандат на Обединетите нации (ОН) во петокот објави дека во Украина се извршени воени злосторства, по истрагите спроведени во четири региони во земјата.

Независната меѓународна истражна комисија за Украина објави дека од февруари, кога започна војната во таа земја, се извршени прекршувања како што се нелегална употреба на експлозивно оружје, неселективни напади, егзекуции, тортура и сексуално и родово насилство.

Претставувајќи го извештајот на комисијата до Советот за човекови права на ОН, шефот на истрагата, Ерик Мозе, рече дека наодите се засновани на истраги во регионите Киев, Чернихив, Харков и Суми.

„Бевме изненадени од големиот број егзекуции во областите што ги посетивме. Загрижени сме поради страдањата што меѓународниот вооружен конфликт во Украина му ги наметна на цивилното население“, рече Мозе.

Тој објасни дека комисијата сè уште ги истражува егзекуциите во 16 градови и населени места и дека добила веродостојни наводи за уште многу такви случаи.

Вообичаени елементи на овие злосторства вклучуваат претходно затворање на жртвите и видливи знаци на егзекуција, како што се врзани раце зад грб, прострелни рани во главата и пресечени грла, се вели во извештајот.

„Комисијата документираше случаи во кои деца биле силувани, мачени и незаконски затворани. Деца, исто така, беа убиени и повредени во неселективни напади со експлозивно оружје“, се вели во извештајот.

Се додава дека изложеноста на повторени експлозии, злосторства, принудно раселување и одвојување од членовите на семејството имале длабок ефект врз нивната благосостојба и ментално здравје.

Комисијата посети вкупно 27 градови и населени места и интервјуираше повеќе од 150 жртви и сведоци. Инспекторите ги испитуваа местата на уништување, гробниците, како и местата на притвор и тортура.

Комисијата објави дека открила и два инциденти на малтретирање на руски војници од страна на украинските сили.

За време на јунската посета, комисијата од прва рака ја согледа штетата предизвикана од експлозивното оружје на широк простор на станбените згради и инфраструктурата во населените области, вклучително и училиштата и болниците.

Заблагодарувајќи ѝ се на украинската влада за соработката, Комисијата констатира дека нивните обиди да влезат во конструктивен дијалог со властите на Руската Федерација досега не биле успешни, но тие ветија дека ќе истраат во нивните напори.

Според последните податоци на Канцеларијата за човекови права на ОН, од 24 февруари во Украина се убиени 5.916 цивили, додека 8.616 се ранети.

TRT Balkan / агенции
Популарни