Владите на земјите членки се во очекување на одлуката на ЕК     Фото: АА

Министрите за енергетика на ЕУ се согласија за мерките за справување со енергетската криза и дадоа мандат на Комисијата на ЕУ да претстави нацрт закони за оданочување на производителите на електрична енергија и ограничување на цените на гасот.

Министрите за енергетика се состанаа за да побараат решенија за заштита на граѓаните од високите цени на електричната енергија кои најверојатно ќе бидат на сила оваа зима.

„Успеавме да најдеме јасна насока за мерките што треба да се преземат за справување со кризата од растот на цените“, изјави за новинарите Јозеф Сикела, чешки министер за транспорт и индустрија по итниот состанок на министрите на ЕУ задолжени за енергетика.

Министрите ја поканија Европската комисија да претстави правен предлог заснован на првичниот нацрт што извршното тело на ЕУ го објави претходно оваа недела.

Министрите дадоа поддршка за плановите за „ограничување на приходите на производителите на електрична енергија со ниски трошоци за производство и воведување солидарен придонес од компаниите за фосилни горива, што ќе се користи за ублажување на влијанието на високите цени на енергијата врз корисниците“, рече Сикела.

Владите на ЕУ, исто така, очекуваат Европската комисија да предложи итна и привремена интервенција на енергетскиот пазар што вклучува ограничување на цените на гасот и обезбедување ликвидна поддршка за комуналните претпријатија, додаде тој.

Извршното тело на ЕУ треба да претстави и мерки за намалување на побарувачката на електрична енергија низ ЕУ.

Сикела се надева дека Европската комисија и земјите од ЕУ можат да најдат договор и тој да свика уште една итна средба на министрите за енергетика на ЕУ за официјално да ја одобрат одлуката пред крајот на септември.

Министрите денеска ги разгледуваа предлозите на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен. Меѓу предлозите беа ограничување на цените на рускиот гас, напредна такса на електраните кои не работат на гас, намалување на побарувачката за електрична енергија во целиот блок и итни кредитни линии за електроенергетските компании кои се соочуваат со се поголеми последици.

Претходно дипломатите од ЕУ рекоа дека земјите главно ги поддржуваат мерките за осигурување на ликвидноста на компаниите, а некои од нив до сега го поддржале и намалувањето на побарувачката на електрична енергија.

Ограничувањето на цените на рускиот гас досега не доби поддршка од повеќето земји,а некои се прашуваат како би помогнало тоа во намалувањето на цените со оглед на малите количини на гас кои Москва ги праќа во Европа.

Намалување на испораките од Москва

„Нашата намера пред се е да ги намалиме цените. Ограничувањето само на руски гас нема да ги намали цените”, изјави пред состанокот белгискиот министер за енергетика Тин Ван дер Стретен.

Балтичките земји се меѓу оние кои ја поддржуват оваа идеја, тврдејќи дека ограничувањето на цените нема да ги спречи приходите на Москва кои ќе бидат наменети заа војната во Украина.

Претседателот на Русија Владимир Путин во средата изјави дека Русија ќе престане да испорачува гас во Европа ако таа воведе горна граница за цената на гасот.

Поддршката на оваа политика е мала меѓу државите од средна и источна Европа кои не сакаат да ги изгубат се помалите количини кои се уште ги добиваат.

Испораката од рускиот гасовод преку трите главни рути кон Европа опаднаа за речиси 90 проценти во последните 12 месеци. Официјална Москва излезе со став дека причината за тоа се технички проблеми и санкциите на западот поради случувањата во Украина.

Итните закони вообичаено ги носат мнозинството од членките иако за некои е потребно едногласно одобрување. Идејата да се повратат приходите од генераторите кои не се на гас предизвика револт во некои престолнини.

TRT Balkan / агенции
Популарни