Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и претседателската комесарка за правата на детето Марија Алексеевна Лвова-Белова.
„Денес, на 17 март 2023 година, Претпретресниот совет на II Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на двете лица во контекстот на ситуацијата во Украина: господинот Владимир Владимирович Путин и госпоѓата Марија Алексеевна Лвова-Белова“, се наведува во сооптението на МКС.
Соопштија дека претседателот на Руската Федерација е наводно одговорен за военото злосторство илегална депортација на населението (децата) и незаконското префрлање на населението (децата) од окупираните територии на Украина во Руската Федерација според членовите на Римскиот статут.
МКС изјави дека „злосторствата наводно биле извршени на територијата на Украина под окупација најмалку од 24 февруари 2022 година“.
Судот соопшти дека постојат „разумни причини“ за верување дека Путин „сноси индивидуална кривична одговорност“ за наведените злосторства. Во соопштението се наведува и дека Лвов-Белова исто така е наводно одговорна за „воени злосторства на противправна депортација“ на децата од Украина во Русија.
Претпретресниот совет на судот „смета дека постојат разумни причини за верување дека секој осомничен сноси одговорност за воено злосторство на противправна депортација на населението и незаконско преместување на населението од окупираните подрачја на Украина во Руската Федерација, на штета на украинските деца“.
Кремљ: Налогот на МКС за апсење на Путин е неприфатлив
Русија не ја признава јурисдрикцијата на Меѓународниот кривичен суд и неговите одлуки ги смета за ништовни и неважечки, соопшти Кремљ откако МКС го издаде налогот за апсење на претседателот на Русија Владимир Путин.
„Ова го сметаме за нечуено и неприфатливо. Русија, како и неколку други држави, не ја признаваат надлежноста на овој суд и во согласност со тоа, било какви одлуки од овој вид се ништовни за Русија во законска смисла“, рече портпаролот на Кремљ Дмитри Песков.