Русија во средата соопшти дека сите нејзини воздушни напади во Украина во вторникот биле извршени само на територијата на таа земја и сите најмалку 35 километри од полската граница.        Фото: Ројтерс

По падот на проектил во источна Полска, при што загинаа двајца, Русија во средата соопшти дека сите нејзини воздушни напади во Украина во вторникот биле извршени само на територијата на таа земја и сите најмалку 35 километри од полската граница.

„Нападите беа извршени со оружје со висока прецизност и беа насочени кон украинскиот систем на воена команда и енергетски системи поврзани со неа“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.

„Сите проектили истрелани кон воениот команден систем на Украина прецизно ги погодија одредените цели“, соопшти Министерството.

Фотографиите од остатоците во полското село Пржеводов, кое беше погодено во вторникот вечерта, беа идентификувани како остатоци од украинскиот систем за воздушна одбрана С-300, соопшти Министерството.

„Изјавите за паѓање на руски ракети во полската населба Пржеводов се намерна провокација со цел да се дестабилизира ситуацијата“, нагласи Министерството.

Војската, исто така, ги негираше нападите врз главниот град на Украина Киев, велејќи дека „уништувањето во станбените области на Киев е резултат на паѓањето и самоуништувањето на проектили испукани од украинските војници“.

Во вторникот вечерта полските власти известија дека проектил го погодил селото Пржеводов.

Во средата, американските воени претставници рекоа дека првичните наоди сугерираат дека проектилот бил истрелан од украинските сили кон руска ракета.

Претходно, американскиот претседател Џо Бајден, исто така, рече дека е „неверојатно“ проектилот што уби двајца во Полска, сојузник на НАТО, да биде истрелан од Русија.

Амбасадорите на НАТО ќе се сретнат во среда за да разговараат за инцидентот.

На итниот состанок, со кој ќе претседава генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во седиштето на НАТО во Брисел, ќе се разговара за „трагичниот инцидент“ во кој загинаа две лица, се наведува во соопштението на алијансата.

AA
Популарни