Јапонија има за цел да го врати изгубеното тло во областа на полупроводниците со компанија за специјална намена поддржана од државата која пак е здружена со американскиот технолошки тешкаш Ај-Би-Ем (IBM).
Развојот доаѓа во услови на загриженост дека глобалната природа на синџирот на снабдување со полупроводници суштински ќе се промени во наредните години.
Јапонската компанија Рапидус (Rapidus), која беше создадена пред неколку месеци со финансиска поддршка од Токио, оваа недела потпиша договор за споделување технологија со Ај-Би-Ем за производство на напредни чипови од 2 нанометри во Јапонија. Производството ќе започне во втората половина на оваа деценија.
Со години, Јапонија се потпира на увоз на напредни чипови од Јужна Кореја и Тајван за да ја задоволи побарувачката на своите производители на електронски уреди, вели Хиро Киношита, јапонски научник и експерт за фотолитографска опрема за правење чипови.
„Тој трговски однос е ранлив поради зголемените тензии меѓу Кина и Тајван, кој Пекинг го смета за своја територија. Успеавме да се снајдеме со увозот. Но, верувам дека неодамнешниот недостиг на полупроводници и реакцијата на Кина на посетата на поранешната претседателка на американскиот дом Ненси Пелоси на Тајван, предизвикаа преиспитување на политиката, рече Киношита за ТРТ Ворлд.
Контроверзното патување на Пелоси во август, кое беше прво на висок американски функционер по повеќе години, предизвика криза, при што Пекинг возврати со воени вежби околу островот.
Тајван е дом на Тајванската компанија за производство на полупроводници ТСМЦ (Taiwan Semiconductor Manufacturing Company), најголемиот светски производител на чипови. Оваа компанија има 90 отсто од глобалното производство на напредни чипови.
Може ли Јапонија да го направи тоа?
Токио планира да инјектира субвенција од 500 милиони долари во Рапидус. Тие средства според Киношита ќе бидат искористени за купување на две напредни машини за екстремна ултравиолетова литографија (EUVL).
Јапонските индустриски и финансиски гиганти, вклучувајќи ги Сони, Тојота, Денсо, Софтбанк, Митсибуши, УФЈ Банк, НТТ и електронскиот гигант НЕЦ презедоа акционерски удел во Рапидус со заедничка инвестиција од повеќе од 50 милиони долари.
Но, владината субвенција, комбинирана со оваа инвестиција, е мала во споредба со десетици милијарди долари потребни за изградба на модерна леарница за чипови; ТСМЦ, на пример, објави дека ќе инвестира 40 милијарди долари за изградба на фабрика за полупроводници во САД.
Јапонските фирми како Тошиба и Хитачи доминираа на глобалниот пазар на полупроводници во 1980-тите. Тие го загубија водството соочени со силното противење од американските политичари и индустријата.
Во моментов, Јапонија има технологија за производство на чипови со јазли од 40 нанометри. Еден нанометар мерна единица, е милијардити дел од метарот. Тоа го означува растојанието помеѓу транзисторите на чипот и генерално се смета дека колку е помало растојанието, толку понапредни се чиповите.
Рапидус, исто така, потпиша договор овој месец со белгискиот истражувачки центар ИМЕЦ, една од водечките компании за напредни системи за обработка на чипови.
Според договорот, ИМЕЦ ќе му помогне на Рапидус да го зголеми производството на чипови од 2 нанометри. Во моментов, најнапредните чипови во светот се со јазли околу 3 и 5 нанометри произведени од Самсунг и ТСМЦ.
Јапонскиот научник Киношита смета дека е малку веројатно Рапидус да може да изгради фабрика со високотехнолошки погон во предвидениот временски период. Проектот веројатно ќе заврши со користење на објект, кој го развива јапонскиот Национален институт за напредна индустриска наука и технологија (AIST).
Ова не е прв случај на соработка на јапонски компании на таков начин. Сличен обид имаше и пред неколку години. Но, Киношита истакнува дека Рапидус има предност: неговите јапонски поддржувачи прават производи за кои се потребни напредни чипови.
„Во овој случај, има автопроизводители Тојота и Денсо, НТТ во телекомуникациската опрема и Сони во ЦМОС сензорите. Сите овие фирми бараат да вградат напредни полупроводници во уредите и услугите што ги произведуваат”, вели Киношита.
Производството на полупроводници зависи од соработката на компаниите распространети низ целиот свет. На пример, интелектуалната сопственост за сложената архитектура која ги поткрепува модерните чипови е во сопственост на фирми со седиште во Велика Британија, како што е АРМ, додека холандската компанија АСМЛ е лидер во опремата за фотолитографија.
Јапонија можеби заостануваше во производството на чипови. Но, во оваа земја има компании кои произведуваат специјални производи кои се неопходни во производството на полупроводници. Ограничувањата на извозот предводени од САД, насочени кон кинеската полупроводничка индустрија, се закануваат да ја поткопаат оваа витална соработка помеѓу различни меѓународни играчи.
„Глобализацијата е речиси мртва, а слободната трговија е речиси мртва. Многу луѓе сè уште посакуваат да се вратат, но мислам дека нема да се вратат“, рече Морис Чанг, основачот на ТСМЦ, минатата недела при обраќањето на церемонијата во Феникс, Аризона, каде што неговата компанија ќе го изработува напредниот чип.