На 141.060 граѓани од држави кои не се членки на ЕУ во 2022 година им бил одбиен влез на територијата на Европската унија. Тоа е за еден процент повеќе од 2021 година кога им бил одбиен влез на 139.000 граѓани. Оваа информација доаѓа од податоците за спроведувањето на имиграциската легислатива што ги објави Евростат.
Податоците покажуваат дека за 1,08 милион граѓани било утврдено дека биле незаконски присутни во една од земјите на ЕУ. На 422.400 луѓе надвор од ЕУ им била издадена наредба за напуштање на унијата.
Статистиката покажува дека 96.795 луѓе беа вратени во друга земја, вклучувајќи ги и другите земји на ЕУ, а 77.530 се вратени надвор од ЕУ.
Полска издала најмногу забрани за влез
Од 141.060 граѓани на кои им бил забранет влезот во некоја од земјите членки на ЕУ, најголем број случаи се во Полска, Оваа земја не дозволила влез на 23.330 луѓе надвор од ЕУ. Потоа следува Унгарија со 15.780 забрани за влез. На трето место е Хрватска каде има 11.800 неодобрени барања за влез, а во Ирска тоа било случај со 9.240 луѓе надвор од ЕУ.
Украинците со најмногу проблеми
Меѓу оние кои сакале да влезат во ЕУ, најмногу забрани добиле украинските државјани. За влез во ЕУ биле одбиени 28 890 Украинци, но таа сепак е намалување од 43 отсто во споредба со 2021. Главните причини за одбивањето влез на Украинците биле престој од три месеци во период од шест месеци, немање валидна виза или дозвола за престој и неоправдани цел и услови за престој. Следни најголеми бројки се забележани кај граѓаните на Албанија односно 15.630 и Русија 10.860.
Незаконските престои во ЕУ зголемени за 59 отсто
Во 2022 година, беше откриено дека околу 1,08 милиони граѓани кои не се членки на ЕУ биле нелегално присутни во ЕУ, што укажува на зголемување од 59% во споредба со 2021 година кога имало 679.730 луѓе со нерегулиран престој.
Унгарија извести за најголем број граѓани кои не се членки на ЕУ за кои е утврдено дека се нелегално присутни во ЕУ односно 222.520, потоа Германија 198.310 и Италија 138.420.
Сиријците сочинуваат најголем број луѓе за кои е утврдено дека се нелегално присутни во ЕУ односно 175.960. Следниот најголем број е забележан за државјаните на Авганистан 119.520 и Мароко 60.215
Над 420.000 граѓани треба да ја напуштат ЕУ
Во 2022 година, на околу 422.400 граѓани од земји кои не се членки на ЕУ им беше наредено да ја напуштат Унијата. Тоа е за 23% повеќе во споредба со претходната година кога ваква наредба била издадена на 342.100 лица.
Најголем број од оние кои треба да ја напуштат ЕУ се во Франција, а потоа следат Хрватска и Грција.
Најголем број луѓе на кои им е наредено да ја напуштат територијата на земја-членка е забележан меѓу Алжирците 33.535, Мароканците 30.510 и Пакистанците 25.280.
Околу 96.795 граѓани кои не се од членка на ЕУ се вратиле во друга земја. Од Франција се вратиле 14.240, а потоа следат Германија со 13.130 и Шведска со 10.490. Албанците со 9.950 се на врвот на вратени во друга земја, а потоа следат Грузијците 8.040 и Сиријците со 5.590.