Околу 7.000 семејства остануваат блокирани во погодените области, а во тек се спасувачки операции за нивна евакуација / Photo: AA

Повеќе од 3.000 лица загинаа, а многу луѓе се водат за исчезнати по поплавите предизвикани од бурата „Даниел“ што ја погоди Источна Либија.

Во изјавата за Анадолу министерот за здравство на Владата назначена од Парламентот, Осман Абдул Џалил, рече дека најголем број луѓе загинале во крајбрежниот град Дерна.

Други градови и населени места погодени од катастрофата се Бенгази, Бајда, Ал Марџ и Соуса.

Џалил истакна дека бројот на исчезнати луѓе е во илјадници, но се воздржа од давањето точна бројка.

Претходно извор од либиската Црвена полумесечина за Анадолу изјави дека бројот на загинати во погодените региони достигнал 2.800, а повеќето од нив се удавиле или загинале при уривањето на станбените објекти.

Околу 7.000 семејства остануваат блокирани во погодените области, а во тек се спасувачки операции за нивна евакуација, нагласи изворот.

Либиската Црвена полумесечина изгуби четири лица од својот персонал во спасувачките операции.

Абдулхамид Дбеибе, премиер на либиската Влада на национално единство со седиште во Триполи, ги прогласи сите области погодени од смртоносните поплави за „зони на катастрофа“ и објави тридневна национална жалост.

Жоржет Гањон, претставничка на Обединетите нации и хуманитарна координаторка за Либија, рече дека длабоко жали поради последиците од сериозното влијание на ураганот и задолжи тим за поддршка на локалните власти и партнерите во регионот.

Првичните извештаи укажуваат на тоа дека десетици села и градови се сериозно погодени од ураганот со големи поплави, оштетувања на инфраструктурата и голем број загинати, повредени и исчезнати.

AA
Популарни