1 900 војници и полицајци учествуваат во спасувачките мисии     Фото: АА

Повеќе од 50.000 луѓе се евакуирани на побезбедни локации по силниот земјотрес што вчера попладне го погоди југозападниот дел на Кина при што загинаа најмалку 65 лица.

Повеќе од 12 лица се водат како исчезнати, додека 248 други се повредени. Војската спроведува операции за спасување и помош, објавија во вторник кинеските државни медиуми. Околу 1.900 офицери, војници и вооружени полицајци беа распоредени да се приклучат на спасувачките операции, објави кинескиот дневен весник Глобал Тајмс.

Според кинескиот центар за земјотресни мрежи, земјотресот го погодил округот Лудинг во тибетската автономна област Гарзе на длабочина од 16 километри во 12.52 часот по локално време. Околу 10 последователни потреси се почувствувани во околните места.

Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на сеопфатни спасувачки напори за минимизирање на жртвите по земјотресот. Тој ја истакна важноста од зајакнувањето на заштитата од секундарни катастрофи и соодветното сместување на погодените.

Во меѓувреме, претседателката на Тајван, Цаи Инг-вен изрази сочувство за жртвите од земјотресот. Националната агенција за пожари на самоуправуваната островска држава соопшти дека целосно опремен тим од 40 членови е подготвен да помогне во напорите за пребарување и спасување во Сечуан по инструкции од Министерството за надворешни работи.

TRT Balkan / агенции
Популарни