Турската радио телевизија (ТРТ) ја освои наградата „Еми“ во категоријата „Вести и актуелни настани“ што ја доделува Меѓународната академија за телевизиски уметности и науки.
Генералниот директор на ТРТ, Мехмет Захид Собаџи, чии ставови беа вклучени во изјавата, истакна дека за ТРТ Ворлд е многу значајно освојувањето на меѓународната награда „Еми“ во категоријата вести на 100-годишнината од формирањето на турската Република и додаде:
„За нас како ТРТ претставува голема гордост фактот дека оваа награда првпат ја носиме во Туркије. Би сакал одделно да им се заблагодарам на сите моите колеги учесници за моќната содржина на проектот и што тоа му го пренесоа на светот. Трансформацијата и нашето успешно патување ќе продолжат и во иднина.“
На својот профил на социјалните мрежи во врска со освоената наградата, Собаџи го напиша следново: „ТРТ ја освои наградата 'Еми' во категоријата 'Документарен филм - вести' на 44. меѓународно доделување на наградата 'Еми'. Ова е прва, но нема да биде и последна. Тргнувајќи со цел 'На светот да му раскажеме за светот', му се заблагодаруваме на укажаната поддршка на нашиот шеф на турската Дирекција за комуникации, почитуваниот Фахретин Алтун, како и на целиот тим на ТРТ Ворлд што учествуваа во проектот.
„Наградата ја добивме за посветеноста, страста и одлучната работа на терен“
На церемонијата на доделување на наградите „Еми“, која се одржа во Њујорк, САД, присуствуваа заменик- генералниот директор на ТРТ, Омер Фарук Танриверди, и координаторот на ТВ-каналот ТРТ Ворлд, Бора Бајрактар.
Заменик-генералниот директор на ТРТ, Танриверди, во својата изјава истакна: „Ние сме горди и среќни. Освоената награда е доказ за точката што ја достигна ТРТ Ворлд во меѓународното новинарство и радиодифузија. Им честитам на сите учесници што дадоа свој придонес во проектот, особено на тимот на документарниот серијал 'Оф д Грид'.“
Координаторот на ТВ-каналот ТРТ Ворлд, Бајрактар, за наградата рече: „Оваа награда првенствено покажа колку е успешна ТРТ Ворлд, нашата институција ТРТ и покажа дека се занимава со емитување и новинарство со меѓународни стандарди. Со други зборови, ова е најголема награда на телевизијата во САД. Првпат еден документарен филм од турска продукција ја освои оваа награда. Од тој аспект, многу сме горди.“
Свој коментар за наградата даде и Мухсине Енаими, кој го подготви документарниот филм: „Не знаевме каква разлика ќе направиме, што да кажеме што сè уште не беше кажано. Освоената награда претставува награда за посветеноста, страста и одлучната работа на терен.“
Александре Пауилат, една од продуцентите на филмот, изјави дека целиот тим работел со големо трпение и посветеност и додаде: „Се обидовме да дадеме одраз на најубавите зборови, да ги уредиме најдобрите слики и мислам дека тоа допре до жирито и јавноста.“
Документарниот филм го прикажува животот на цивилите во Украина по војната
Документарниот филм, снимен во Украина од страна на Хакан Хоџаоглу, на публиката впечатливо ѝ го пренесува деструктивното лице на војната.
Овој документарен филм - вест, за кој монтажата ја направи Фатих Кибар, а дизајнот е на Махмут Сами Чавуш, се занимава со промената на животот на украинските цивили по повлекувањето на руската армија.