Најмалку 13 лица загинаа, а повеќе од 20 лица се повредени во руски напад врз индустриски објект во украинскиот град Запорожје, јавува украинската новинска агенција Укринформ.
Киев Индипендент пишува дека најмалку 29 се повредени и дека итната помош е на терен.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски на својот официјален профил на социјалната мрежа Х објави видео од нападот.
„Изразувам сочувство до семејствата и пријателите на загинатите. За жал, можно е бројот на загинатите да се зголеми“, рече Зеленски.
Секретарот на градскиот совет на градот Запорожје, Регина Харченко, објави информација за повредените на комуникациската платформа Телеграм.
„Целосен хорор и уште една катастрофа во Запорожје“, додаде Харченко.
Според Иван Федоров, шеф на Воената управа во регионот Запорожје, четири лица се во критична состојба.
Киев Индипендент пишува дека во нападот биле оштетени станбени згради, трамвај, автобус и друга инфраструктура.
Укринформ пишува дека руските сили го нападнале градскиот округ Шевченковски во Запорожје.
Воздухопловните сили на Украина претходно соопштија дека постои можност Русија да ја нападне Украина со крстосувачки бомби.
Укринформ претходно објави дека руски војници нападнале 12 општини во областа Запорожје во изминатите 24 часа.