Најмалку 22 ученици и тројца наставници загинаа денес во Тајланд откако се запали нивниот училиштен автобус.
„Инцидентот се случи на патот Вибхавади Рангсит во главниот град Бангкок“, објави тајландскиот јавен сервис.
Најмалку шест ученици и уште тројца наставници, кои патувале од северната провинција Утаи Тани, успеале да се спасат од пожарот.
Во автобусот најверојатно имало 44 лица.
Групата била на еднодневен излет во главниот град на Тајланд. Првичните информации покажуваат дека учениците биле на возраст од три до девет години.
Спасувачките екипи на местото на настанот изјавиле дека пожарот најверојатно избувнал откако една од гумите експлодирала и автобусот удрил во банкината на патот.
„Како мајка сакам да изразам најдлабоко сочувство до семејствата на повредените и починатите“, рече премиерката Паетонгтарн Шинаватра во изјавата за несреќата.
„Владата ќе се погрижи за медицинските трошоци и ќе обезбеди обештетување на семејствата на починатите“, додаде таа.