Министерството за внатрешни работи на Грузија денеска соопшти дека за време на протестот во Тбилиси се уапсени 43 лица, под обвинение за нарушување на јавниот ред и мир и непочитување на полициските наредби.
МВР соопшти дека на протестот се повредени 32 полицајци, од кои 13 потешко, додека еден сѐ уште е во болница.
Oд министерството изјавија дека полицијата користела „специјални средства дозволени со закон за да спречи насилни дејствија“ од демонстрантите.
Според порталот Цивил.ге, неколку извештаи укажуваат на незаконска и прекумерна употреба на сила од страна на полициски службеници, а сведоци пријавиле и насочени напади со солзавец и комбинирана употреба на водени топови и хемиски надразнувачи.
Зградата на парламентот, околу која дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата, од денеска ќе биде под посебно „црвено ниво“ на безбедност, со што ќе се забрани влез на секого, вклучително и на новинарите, соопшти прес-службата на Собранието.
Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, која беше меѓу демонстрантите, изјави дека „очекува силна реакција од европските метрополи“.
„Во центарот на Тбилиси сѐ уште траат протести и репресии. Мета се новинари и политички лидери. Очекувам силна реакција од европските метрополи“, рече Зурабишвили во објавата на социјалните мрежи.
Грузиските безбедносни сили вчера и во текот на ноќта се судрија со демонстрантите во близина на парламентот во Тбилиси, повремено употребувајќи водени топови, а при полициската интервенција беа повредени неколку новинари, јавуваат грузиските и руските медиуми.
Демонстрантите се судрија со грузиската полиција откако владејачката партија Грузиски сон соопшти дека владата ќе ги прекине преговорите за пристапување на земјата во ЕУ и ќе ги отфрли буџетските грантови на Унијата до 2028 година.
Демонстрантите, кои полицијата ги турна на неколку десетици метри од зградата на парламентот, фрлаа корпи за отпадоци и запалија оган, а поставија и барикади од импровизирани средства, електрични скутери и други предмети.
Вчера, Европскиот парламент ги прогласи за неважечки неодамна одржаните парламентарни избори во Грузија, тврдејќи дека тие „не ја претставуваат веродостојно волјата на грузискиот народ“ и побара во рок од една година да се одржат нови избори, под меѓународен надзор.
Во соопштението на ЕП се наведува дека 444 членови на ЕП гласале за предлогот за прогласување неважечки избори, а 72 од нив гласале против и дека процесот на гласање „не бил ниту слободен ниту фер“.
Со оваа одлука ЕП ја повика Европската комисија и другите институции на ЕУ да не стапуваат во контакт со новоформираната влада формирана од партијата Грузиски сон.