Движењето Хамас, изјавувајќи дека се посветени на предлогот за прекин на огнот што го објави американскиот претседател Џо Бајден на 2 јули, го отфрли новиот предлог што им беше претставен во Каиро, главниот град на Египет, со образложение дека предлогот „ќе ја направи трајна израелската окупација“, известува Анадолу.
Висок претставник на Хамас за АА изјави дека Египет и Катар, земјите посредници, го пренеле новиот предлог за прекин на огнот до делегацијата на Хамас во Каиро.
Наведувајќи дека Хамас е посветен на предлогот за прекин на огнот претставен од американскиот претседател Бајден на 2 јули и прифатен од Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), официјалниот претставник на Хамас истакна:
„Хамас ја потврди својата подготвеност да ги спроведе договорените прашања (од 2 јули), со цел да се реализираат највисоките интереси на нашиот народ и да се запре нападот врз него.“
Нагласувајќи дека секој договор мора да вклучува траен прекин на огнот и целосно повлекување на Израел од Појасот Газа, претставникот на Хамас рече дека предлогот што им бил претставен во Каиро не го вклучува тоа.
Претставникот на Хамас информираше дека според овој нов предлог, во кој се вклучени главно барањата на Израел, контролата на 14-километарската граница меѓу Египет и Газа, наречена коридор Филаделфија, му е препуштена на Израел, а покрај тоа, предлогот предвидува и продолжување на израелското воено присуство во Газа. Тој рече дека откако делегацијата на Хамас им соопштила на земјите посредници дека нема да го прифатат предлогот, си заминала од Каиро.
Каиро го напушти и израелскиот преговарачки тим
Од друга страна, израелските медиуми објавија дека и израелската делегација, која престојувала во Каиро на преговорите, го напуштила Египет.
Израелската државна телевизија КАН соопшти дека делегацијата на Израел што престојуваше во Каиро на преговорите за прекин на огнот и размена на затвореници се вратила во земјата.
Во веста, неименувани израелски функционери, во врска со разговорите во Каиро, изјавиле дека „денес беа мали шансите да се постигне напредок на средбите за прекин на огнот“.
Официјалните претставници соопштија: „Овластувањето што го доби делегацијата не овозможува постигнување договор за коридорот Филаделфија.“
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е обвинет од Израел и од меѓународната заедница дека не сака да склучи договор за размена на заробениците со Хамас од политички причини.
Од ден на ден сѐ повеќе се продлабочува хуманитарната катастрофа во Појасот Газа поради бруталните напади на Израел со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници, кои траат повеќе од 10 месеци, а во кои се убиени над 40.000 Палестинци, главно жени и деца.