Белгија и натаму е еден од најголемите увозници на дијаманти од Русија без оглед што откако започна воената инвазија врз Украина, преку Европската Унија беа наметнати повеќе пакети на санкции.
Според јавно достапните податоци на Националната банка на Белгија, во земјата биле увезени дијаманти од Русија речиси непрекинато од февруари годинава кога почна војната во Украина.
Најголема вредност на увозот имало во јуни годинава кога во Белгија биле откупени руски дијаманти вредни 400 милиони евра. Веќе во август увозот е намален, па така биле внесени дијаманти од Русија со вредност од 35,9 милиони евра.
Инаку просечната вредност на месечна основа изнесува околу 100 до 200 милиони евра на откупени дијаманти од Русија.
Без оглед на повиците на повеќе земји членки на ЕУ, и натаму Белгија не ги прифаќа сугестиите за вклучување на дијамантите на листата на санкции. Во белгиски Антверп се наоѓа еден од најголемите светски центри за трговија со дијаманти.
Претходно и украинскиот претседател Владимир Зеленски во говор пред белгиските парламентарци побара земјата да се приклучи на санкциите за увоз на дијаманти од Русија бидејќи „мирот нема цена“.
Најголем притисок за вметнување на дијамантите на листата на санкции доаѓа од Полска и балтичките земји членки на Унијата.
Можеби во очекување на неизбежна нова рунда на санкции, трговијата со дијаманти се засилила. Во Белгија годинешниот увоз на дијаманти од Русија веќе е проценет на 1,2 милијарди евра, или приближно како целокупниот извоз од 2021 година кога биле префрлени 1,8 милијарди евра кон руските дијамантски извозници.
Се проценува дека една четвртина од сите дијаманти кои влегуваат во Белгија се ископани во руските рудници. Станува збор за договори со руската компанија Алроса која е под државна контрола, а чии сопственици беа ставени на „црните листи“ од САД и Велика Британија веднаш по руската инвазија.
Една од причините за противењето на Белгија за санкции за дијамaнтите е што оваа гранка стои зад 5% од целокупниот извоз на земјата во срцето на Европа и од која егзистираат над 30.000 вработени.