Осумнаесет тела на патници и членови на екипажот се извлечени по денешниот пад на авион во Непал.
Пилотот на авионот на „Саурја ерлајнс“ е спасен и се наоѓа на лекување во болница.
Авионот се урна веднаш по полетувањето од Меѓународниот аеродром Трибхуван (ТИА) во главниот град Катманду, објави дневниот весник „Катманду пост“.
Премнат Такур, портпарол на ТИА, рече дека инцидентот се случил околу 11 часот.
Авионот превезувал двајца членови на екипажот и 17 техничари во градот Похара на одржување, изјави шефот за безбедност на аеродромот Арџун Чанд Такури. Авионот е во сопственост на локалниот оператор Саурја ерлајнс, наведуваат медиумите. Саурја оперира со домашни летови во Непал со два регионални авиони Бомбардиер ЦРЈ-200, и двата стари околу 20 години, според Флајт Радар 24. Непал се најде на удар на критиките поради лошата безбедност во воздушниот сообраќај, а најсмртоносниот инцидент се случи во 1992 година, кога Ербасот на Пакистанската меѓународна авиокомпанија се урна во рид на приод кон Катманду, при што загинаа 167 луѓе. Најмалку 72 лица загинаа во авионската несреќа на авиокомпанијата Јети во јануари 2023 година, кога пилотите по грешка го исклучиле напојувањето.
Непалската Армија ги предводеше спасувачките операции кои сѐ уште траат на местото на несреќата.