Активистот за човекови права Алес Бјалиатски од Белорусија, организацијата „Меморијал“ од Русија и Украинскиот центар за граѓански слободи се добитници на овогодинешната Нобелова награда за мир.
Норвешкиот Нобелов комитет ги награди лауреатите за нивните „вонредни напори за документирање на воените злосторства, кршењето на човековите права и злоупотребата на власта“.
„Луреатите на Нобеловата награда за мир го претставуваат граѓанското општество во нивните матични земји. Долги години тие го промовираат правото на критикување на владата и заштитата на основните права на граѓаните“, соопшти Нобеловиот комитет на Нобеловата награда за мир, чие седиште е во Осло.
Минатогодишната Нобелова награда за мир ја добија новинарите Марија Реса и Дмитриј Муратов за нивната „храбра борба за слобода на изразување“ на Филипините и Русија.
Претходната година наградата и беше доделена на Светската програма за храна на Обединетите нации за нејзините напори во борбата против гладот.
Меѓу претходните добитници на наградата се поранешните американски претседатели Џими Картер (2002) и Барак Обама (2009), како и пакистанската активистка Малала Јусафзаи (2014), ЕУ (2012), ОН и нивниот тогашен генерален секретар Кофи Анан (2001) .