Во Непал во просек речиси еднаш годишно  се случува авионска несреќа      Фото: Reuters

Во Непал просечно се случува по една авионска несреќа годишно. Од 2010 година во популарната хималајска туристичка дестинација, дом на највисокиот врв на светот Монт Еверест, се случиле 11 фатални авионски несреќи, вклучувајќи ја и неодамнешната во која загинаа 68 луѓе.

Авионската несреќа во близина на градот Похара во централен Непал е најсмртоносната на Хималаите во последните 30 години.

Агенцијата за цивилно воздухопловство на Непал посочи дека меѓу патниците во леталото АТР-72 управувано од „Јети Ерлајнс“ имало четири члена на екипажот и 15 странски државјани, пет од Индија, четири од Русија, двајца од Јужна Кореја, и по еден од Ирска, Австралија, Аргентина и Франција.

Во понеделникот, спасувачките екипи ги пронајдоа снимачот од кокпитот на пилотите и снимачот на податоците за летот.

Податоците од „црната кутија“ може да и помогнат на истрагата да утврди што го предизвика падот на авионот при поволни временски услови, на моменти пред да слета во туристичкиот центар Похара.

Пред овој случај, во голема авионска несреќа која се случи на 29 мај минатата година загинаа сите 22 патници и членови на екипажот при лет на „Тара Ер“ во областа Мустанг.

Зошто е ризично да се лета?

Неодамнешната несреќа покажува дека летањето во регионот е меѓу најризичните.

Според експертите, непредвидливото време, лошата видливост и планинската топографија придонесуваат за злогласената репутација на Непал како најопасна земја за летање.

Застарените авиони пропратени со лошо одржување често влегуваат во ризик факторите.

Кратките авионски писти на сите аеродроми ја прават состојбата уште поопасна. На пример, новиот меѓународен аеродром во Похара каде требаше да слета авионот, има писта широка 45 метри и долга 2.500 метри.

Само за споредба главната писта на Меѓународниот аеродром Истанбул е широка 60 метри и е долга 4.100 метри.

„Непријателска топографија“

Променливите временски обрасци не се единствениот проблем за летање. Според извештајот за безбедност од 2019 година од Управата за цивилно воздухопловство на Непал, „непријателската топографија“ на земјата е исто така дел од „огромниот предизвик“ со кој се соочуваат пилотите.

Непал, земја со 29 милиони жители, е дом на осум од 14-те највисоки врвови во светот, вклучувајќи го Еверест, а неговите прекрасни нерамни пејзажи го прават популарна туристичка дестинација.

Но, овој терен може да биде предизвик за навигација од воздух, особено за време на лоши временски услови, а работите се влошуваат поради потребата да се користат мали авиони за пристап до пооддалечените и планински делови на земјата.

Авионите со 19 седишта или помалку имаат поголема веројатност од несреќи поради овие предизвици, се вели во извештајот на Управата за цивилно воздухопловство.

Неразвиена инфраструктура

Повеќе меѓународни регулаторни тела имаат забелешки за недостигот на авијациска инфраструктура и новитети во Непал. На пример, Европската Комисија изрече забрана за повеќе од 20 непалски авиокомпании и им забрани да надлетуваат над европското небо поради безбедносни ризици.

Од друга страна, условите на аеродромите не се соодветни за безбедни летови. Тензинг-Хилари аеродромот во Лукла на североисточниот дел на Непал е често нарекуван најопасниот аеродром во светот. Таму постои само една писта, од едната страна има ѕид, а од другата страна остра провалија кон долината надолу.

Малата хималајска населба Лукла е на речиси 3.000 метри надморска височина. На оваа височина густината на воздухот е пониска отколку на нивото на морето и тоа влијае на брзината на авионот, отежнувајќи му да забави. На големи височини колку е пистата подолга толку е подобро.

Но, пистата е екстремно кратка со само 526 метри. Во игра е и просторот за промашување на приодот што им дозволува на пилотите повторно да пробаат да слетаат доколку не успеат од претходниот обид, но на овој аеродром штом авионот се доближи до пистата мора да слета.

Во 2015 година, Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, агенција на Обединетите нации, даде приоритет за помагање на Непал преку партнерството за помош за имплементација на безбедноста на воздухопловството.

Исто така, утврдено е дека Непал го нема потребниот квалификуван персонал со соодветни вештини во воздухопловството. Дополнително поради недостигот на финансии се става притисок врз преостаната работна сила која е обременета со дополнителни задачи што доведува до прекумерно работно време.

Преглед на најсмртоносните несреќи

Пред несреќата во неделата, според Ројтерс најмалку 273 луѓе загинале во земјата во 17 авионски несреќи од 2000 година.

15 јануари 2023 година: Двомоторниот авион АТР 72 со 72 луѓе, управуван од непалската авиокомпанија „Јети Ерлајнс“, се урна во Похара, при што загинаа најмалку 68 патници. Тоа беше најтешката воздушна несреќа во земјата од 1992 година.

29 мај 2022 година: 16 Непалци, четворица Индијци и двајца Германци загинаа на авионот „Ди Хавиленд Канада“ ДХЦ-6-300 Твин Отер кој се урна 15 минути по полетувањето од Похара, 125 километри западно од Катманду.

12 март 2018 година: Од 71 патник на авион од Бангладеш со кој управуваше УС-Бангла Ерлајнс загинаа 51.

24 февруари 2016 година: Мал авион се урна при лоши временски услови, при што загинаа сите 23 патници. Авионот Твин Отер, управуван од Тара Ер, полетувал од Похара.

28 септември 2012 година: Мал авион Дорние со пропелер се урна откако птица удри веднаш по полетувањето од Катманду, при што загинаа 19 лица, меѓу кои седум британски и пет кинески патници.




TRT World
Популарни