Финска и Шведска потпишаа трилатерален меморандум со Туркије     Фото: АА

Финска и Шведска потпишаа трилатерален меморандум со Туркије (Турција), со кој се обврзаа да ја решат безбедносната загриженост на Анкара поради нивниот став кон терористичките организации ПКК и ФЕТО, за да го трасираат патот за нивно членство во НАТО.

Пред земјите да го потпишат документот, Туркије ги обвини нордиските земји за кршење на меѓународните норми давајќи им засолниште на терористичката организација ПКК и нејзините ограноци, како и на ФЕТО, терористичката организација чиј водач е Фетула Ѓулен.

Неодамнешниот извештај откри дека Шведска испорачувала оружје на терористичката организација ПКК.

ЈПГ и ПЈГ се сириски ограноци на терористичката организација ПКК, а терористичката организација ФЕТО стои зад поразениот пуч во 2016 година во Туркије.

Ова се обврските преземени од страна на Финска и Шведска:

Прекин на поддршката на терористичките групи

Финска и Шведска нема да пружат поддршка на ЈПГ/ПЈД, и организацијата опишана како ФЕТО во Туркије.

Финска и Шведска најостро го отфрлаат и осудуваат тероризмот во сите негови форми и манифестации.

Финска и Шведска недвосмислено ги осудуваат сите терористички организации кои вршат напади против Туркије и ја изразуваат својата најдлабока солидарност со Туркије и семејствата на жртвите.

Туркије, исто така, ја дава својата целосна поддршка на Финска и Шведска против заканите за нивната национална безбедност.

Обврска за спречување терористички активности

Финска и Шведска потврдуваат дека ПКК е забранета терористичка организација.

Финска и Шведска се обврзуваат да ги спречат активностите на ПКК и сите други терористички организации и нивните ограноци, како и активностите на поединци во поврзани и групи или мрежи инспирирани или поврзани со овие терористички организации.

Туркије, Финска и Шведска се согласија да ја зајакнат соработката за да ги спречат активностите на овие терористички оранизации.

Финска и Шведска ги отфрлаат целите на овие терористички организации.

Нова регулатива за борба против тероризмот

Финска и Шведска ќе ја водат борбата против тероризмот одлучно, решително и во согласност со одредбите на релевантните документи и политики на НАТО и ќе ги преземат сите потребни чекори за понатамошно заострување на домашното законодавство за таа цел.

Нордиските земји, исто така, ќе истражат и ќе ги забранат сите активности за финансирање и регрутирање на ПКК и сите други терористички организации и нивни продолжени структури, како и ограноци, групи или мрежи инспирани од нив.

Во меморандумот, Финска, исто така, се осврна на неколку неодамнешни измени на Кривичниот законик со кои се воведени нови дела како казниви терористички злосторства.

Најновите измени стапија на сила на 1 јануари 2022 година, со кои се прошири опсегот на учество во активност на терористичка група.

Во исто време, јавното поттикнување поврзано со терористички дела е криминализирано како посебен прекршок.

Шведска потврдува дека новиот, построг Закон за терористички престапи стапува на сила на 1 јули и дека владата подготвува дополнително заострување на законодавството за борба против тероризмот.

Укинување на ембарго за вооружување меѓу НАТО сојузниците

Туркије, Финска и Шведска потврдуваат дека повеќе меѓу нив нема ембарго за вооружување.

Шведска ја менува својата национална регулаторна рамка за извоз на оружје во однос на сојузниците на НАТО.

Финска и Шведска ќе се погрижат нивните соодветни национални регулаторни рамки за извоз на оружје да овозможат нови обврски кон сојузниците и да го одразуваат нивниот статус како членки на НАТО.

Во иднина, одбранбениот извоз од Финска и Шведска ќе се врши во согласност со солидарноста на Алијансата и во согласност со словото и духот на член 3 од Вашингтонскиот договор.

Решавање на барања за депортација или екстрадиција

Земјите ќе воспостават заеднички, структуриран механизам за дијалог и соработка на сите нивоа на власт, вклучително и помеѓу органите на прогонот и разузнавачките агенции, за да ја зајакнат соработката за борба против тероризмот, организираниот криминал и другите заеднички предизвици кога тие ќе одлучат.

Финска и Шведска ќе одговорат на барањата на Туркије за депортација или екстрадиција на осомничените за тероризам експедитивно и темелно, земајќи ги предвид информациите, доказите и разузнавачките податоци обезбедени од Туркије и ќе воспостават неопходни билатерални правни рамки за безбедносна соработка со Туркије, во согласност со Европската конвенција за екстрадиција.

Туркије, Финска и Шведска се обврзуваат да се борат против дезинформациите и да спречат злоупотреба на нивните домашни закони во корист или промоција на терористички организации, вклучително и преку активности кои поттикнуваат насилство против Туркије.

Постојан заеднички механизам

Туркије, Финска и Шведска ќе формираат Постојан заеднички механизам со учество на експерти од министерствата за надворешни работи, внатрешни работи и правда, како и од разузнавачките служби и безбедносните институции.

Постојаниот заеднички механизам ќе биде отворен за приклучување и на други.

Туркије, исто така, ја потврдува својата долгогодишна поддршка за политиката на Отворени врати на НАТО и се согласува да ја поддржи на Самитот во Мадрид во 2022 година, поканата на Финска и Шведска да станат членки на НАТО.

TRT World
Популарни