Хезболах потврди дека лансирал ракети Катјуша во касарната Ал-Алика, во која се наоѓа седиштето на израелската оклопна бригада 188 / Photo: AFP

Најмалку 150 ракети беа истрелани во петокот од Либан врз воени позиции и населби на северот на Израел, јави израелското армиско радио, наведувајќи дека лансирањето траело еден час.

Се наведува дека „во два брана биле истрелани околу 130 ракети кон Галилеја и Голанската висорамнина“.

Военото радио подоцна додаде дека уште околу 20 ракети биле истрелани кон областа Мерона на север, при што повеќето паднале на отворени области.

Последните лансирања на ракети претставуваат значителна ескалација во конфликтот меѓу либанската група Хезболах и Израел.

Како одговор, израелската артилерија почна да гранатира неколку области во јужен Либан, објави израелската радиодифузна агенција.

Соопштено е дека илегален израелски доселеник е повреден во окупираната сириска Голанска Висорамнина каде што избувнаа пожари во близина на градот Сафед.

Израелскиот Канал 12 објави дека нападот предизвикал пожари во областите во близина на Сафед во северен Израел, додека израелски доселеник е повреден откако неговото возило било погодено од ракетни шрапнели во Голанската висорамнина.

Неколку минути претходно каналот објави дека на Голанската висорамнина се огласиле сирени.

Хезболах потврди дека лансирал ракети Катјуша кон касарната Ал-Алика, во која се наоѓа седиштето на израелската оклопна бригада 188, како и базите за противвоздушна одбрана во касарните Бири и Кила во северен Израел.

Претходно, израелското армиско радио потврди дека израелските воздухопловни сили започнале нов бран воздушни напади и артилериско бомбардирање на неколку локации во јужен Либан.

Тензиите меѓу Израел и Хезболах ескалираа во последните денови по експлозиите на безжични уреди низ Либан каде загинаа 37 луѓе, а илјадници беа повредени.

Либанската влада и Хезболах го сметаат Израел за одговорен за експлозиите на уредите и се заканија со одмазда.

AA
Популарни