Повеќе од 60 лица се повредени во нападот, кој според првичните информации, го извршил 50 годишен лекар од Саудиска Арабија, кој во Германија дошол во 2006 година / Photo: Reuters

Премиерот на германската покраина Саксонија-Анхалт, Рајнер Хаселоф изјави дека официјално две лица загинале за време на вечерашниот напад со автомобил на божиќниот пазар во Магдебург.

Тој додаде дека не може да ја исклучи можноста да има повеќе жртви, а меѓу загинатите е дете.

АП наведува дека најмалку 68 лица се повредени.

Од нив 15 се во тешка состојба, 37 се со средно тешки, а 16 со полесни повреди.

Хаселхоф за новинарите изјави дека осомничениот е лекар од Саудиска Арабија, дека има 50 години и дека во Германија дошол во 2006 година.

Билд претходно објави дека има 11 загинати и меѓу 60 и 80 ранети.

Портпаролот на регионалната влада Матијаш Шупе и портпаролот на градот Михаел Рајф изјавија дека станува збор за напад со предумисла. Мотивите засега не се познати.

„Сцените на местото на настанот се страшни. Информациите што ги имам се дека автомобилот возел до божиќниот пазар, но не можам да кажам од кој правец и до каде“, изјави Раjф.

Универзитетската болница во Магдебург објави дека лекува меѓу 10 и 20 пациенти, но дека се подготвува да прими уште луѓе, додава АП, повикувајќи се на ДПА.

Германските медиуми пишуваат дека напаѓачот возел 400 метри низ божиќниот пазар, откако газил се пред себе, а кога на крајот застанал, бил уапсен.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ја изрази својата загриженост за нападот во Магдебург.

„Извештаите од Магдебург велат дека се случило нешто исклучително страшно. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства“, рече Шолц на платформата X.

Полицијата по инцидентот презеде силни безбедносни мерки на божиќниот пазар и ја опколи областа за да го обезбеди местото на злосторството.

TRT Balkan / агенции
Популарни