Најуспешна нација на Олимпијадата во Париз беше САД со 126 освоени медали, 40 златни, 44, сребрени и 42 бронзени / Photo: AA

Олимписките игри во Париз беа затворени со спектакуларна церемонија на националниот стадион Стад да Франс.

Последното доделување медали традиционално е резервирано за свеченото затворање, а од 1896 година до сега тоа место е резервирано за машкиот маратон. Сепак, женскиот маратон имаше предност во Париз и за прв пат маратонките добија чест да добијат медали на свечена церемонија.

На свеченото затворање на Игрите настапија многу познати уметници како Снуп Дог, Били Ајлиш, групата Ред Хот Чилипејперс и актерот Том Круз, кој во холивудски стил скокна од покривот на стадионот и симболично го носеше олимпиското знаме на САД, домаќин на следните Олимписки игри.

Интересно е тоа што во видео монтажата од најважните моменти од отворањето се изоставени сцените од контроверзната Тајна вечера. На видео монтажата од свеченото отворање се гледаат чамци на Сена, велосипедисти и други бројни учесници во сложената програма, но сцените кои беа критикувани дека се пародија на Тајната вечера беа испуштени.

Публиката особено уживаше во акробатски лет на авиони кои испуштаа чад во боите на француското знаме, како и во спектакуларниот огномет и светлосни илуминации.

Најуспешна нација на Олимпијадата во Париз беше САД со 126 освоени медали, 40 златни, 44, сребрени и 42 бронзени, а потоа следат Кина со 91 медали (40 златни, 27 сребрени и 24 бронзени) и Јапонија со 45 медали (20 златни, 12 сребрени и 13 бронзени).

Најуспешна од регионот беше Србија со по три злата и по едно сребро и една бронза, додека Хрватска освои две злата, две сребрени и три бронзи. Косово освои по еден сребрен и еден бронзен медал.

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах му се заблагодари на домаќинот Франција и на секоја од 206-те репрезентации кои донесоа околу 10.500 спортисти на Олимпијадата во градот на Сена.

„Овие игри беа поинклузивни од претходните, тие беа првите игри со родова еднаквост. Тие беа сензационални од почеток до крај. Тие беа Игри на нова ера. Затоа им благодарам на нашите француски пријатели и домаќини“, рече Бах. .

Игрите беа затворени со интонирање на олимписката химна, спуштање на знамето и гаснење на олимпискиот оган во Париз.

Следните Летни олимписки игри ќе се одржат во Лос Анџелес за четири години, а организаторите вечерва свечено го презедоа олимпиското знаме додека се пееше американската химна.

AA
Популарни
Оваа страница користи колачиња. Продолжувајќи да ја пребарувате страницата, се согласувате со употреба на колачиња.Политика за колачиња
Прифати