Повеќе од четвртина од житото и други прехранбени производи извезени од Украина стигнаа до Туркије откако беше постигнат историски договор за обновување на испораките од украинските пристаништа на Црното Море, соопштија Обединетите нации.
Од 1 август Туркије прими 26 отсто од пратките, а потоа следуваат Иран и Јужна Кореја со по 22 отсто, покажуваат податоците на Заедничкиот координативен центар (JCC) во Истанбул, кој го следи транспортот.
Кина доби 8 отсто од извезеното украинско жито, Ирска 6 отсто, Италија 5 отсто, Џибути 4 и Романија 2 отсто.
„Од 1 до 15 август Заедничкиот координативен центар одобри вкупно 36 движења на бродови низ поморскиот хуманитарен коридор во Црното Море за да се олесни безбедниот извоз на жито, прехранбени производи и ѓубрива, вклучително и амонијак, од украинското пристаниште“, соопшти центарот.
Се вели дека бродовите превезувале вкупно 563.317 метрички тони жито и други прехранбени производи.
Со посредство на Туркије и Обединетите нации, на 22 јули во Истанбул, Украина и Русија потпишаа договор за обновување на украинската испорака на жито од три црноморски пристаништа. Согласно со договорот, формиран е координативен центар кој ќе врши заеднички контроли на влезовите и излезите на пристаништата, обезбедувајќи ја безбедноста на рутите. Првиот брод отплови на 1 август.
Заедничкиот координативен центар во Истанбул официјално почна да функционира на 27 јули, а го сочинуваат претставници на трите земји и на ОН.
Од првото испловување на 1 август, вкупно 21 брод со жито ги напуштија украинските пристаништа, благодарение на договорот.