Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека доколку ЕУ продолжува да ја „казнува“ неговата држава, тие ќе ги доведат мигрантите кои се обидуваат да влезат во земјата на најголемиот плоштад во Брисел, главниот град на ЕУ.
Во јуни, Судот на правдата на ЕУ и наложи на Унгарија да плати 200 милиони евра поради „сериозно кршење“ на правилата за азил на блокот. Во соопштението, судот рече дека и наредил на Унгарија да плаќа казна од 1 милион евра на ден за „неисполнување“ на нејзините наредби.
„Тој неуспех, кој се состои во намерно избегнување на примената на заедничката политика на ЕУ како целина, претставува невидено и крајно сериозно прекршување на правото на ЕУ“, се додава во одлуката на судот.
Миграцијата предизвика интензивни дебати низ Европа ова лето, рече Орбан, укажувајќи на тоа дека Германија ги заострува своите граници, Франција вети дека ќе го врати редот и други земји како Холандија и Шведска кои се залагаат за построги антимиграциски закони.
Тој тврди дека ваквите потези на земјите од ЕУ значат „дека завршува ерата на слободно патување“. За војната меѓу Украина и Русија, Орбан побара прекин на огнот.
„Како што бевме во право за миграцијата, ќе се докаже дека сме во право и за војната. Нема решение на бојното поле - само смрт и уништување. Она што ни треба е прекин на огнот, преговори и мир“, рече Орбан.
Позицијата на Унгарија за руско-украинскиот конфликт често е во судир со поширокиот став на ЕУ, при што Орбан се соочува со обвинувања дека е проруски настроен, што тој ги негира.
Дополнително, Унгарија беше во несогласување со ЕУ околу воената и финансиската поддршка за Украина и нејзините преговори за членство во ЕУ.