Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја обвини Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) за финансирање на левичарските медиуми во Европа, повикувајќи се на непотврдена објава на социјалните мрежи.
„Очигледно УСАИД го финансирал Политико во Брисел и, практично, целата левичарска медиумска сцена во Унгарија под претходната американска администрација“, напиша Орбан на социјалната мрежа X синоќа.
„Мислам дека светот му должи благодарност на претседателот Доналд Трамп за тоа што ја откри и ѝ стави крај на оваа темна завера“, додаде тој.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, вчера објави дека федералната влада ќе откаже договори во вредност од 8 милиони долари за претплати на медиумот Политико.
Сепак, Левит не можеше да ја потврди објавата на социјалните мрежи, која ја нагласи Орбан, дека УСАИД стои зад овие финансирања.
„Бев информирана за финансирањето од УСАИД за медиумите, вклучувајќи го и Политико. И можам да потврдам дека повеќе од 8 милиони долари од даноците на граѓаните завршиле за субвенционирање претплати на Политико, што е на товар на американските даночни обврзници“, изјави Левит пред новинарите.
Според „USAspending“, официјална владина веб-страница која ги следи федералните трошења, и други големи американски медиуми, како Блумберг и Њујорк тајмс добиле финансии од различни федерални институции, главно за онлајн претплати.
Со буџет од над 50 милијарди долари заклучно со 2023 година, УСАИД е една од најголемите официјални агенции за помош во светот.
Агенцијата обезбедува финансии за низа невладини организации, вклучувајќи медиумски организации во повеќе од 30 земји, со цел промоција на глобалниот развој и хуманитарна помош.
Сепак, администрацијата на Трамп иницираше затворање на операциите на УСАИД во САД и странство.
Овој ненадеен потег предизвика големи нарушувања во глобалните програми за помош, што негативно се одрази врз бројни невладини организации и медиуми кои зависат од финансирањето на УСАИД.