Унгарскиот премиер изјави дека изборите во Грузија, на кои победи владејачката партија Грузиски сон, биле слободни и демократски / Photo: Reuters

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека изборите во Грузија, на кои победи владејачката партија „Грузиски сон“, биле слободни и демократски и оцени дека владата на таа партија не дозволила Грузија да се претвори во „друга Украина“.

„Грузискиот народ донесе правилна одлука на изборите- во корист на мирот, бидејќи владата не сакаше да ја вовлече својата земја во бесмислената војна што се води во Украина. Би сакал да ви честитам дека, во контекст на желбата за европска интеграција, не дозволивте вашата земја да се трансформира во друга Украина Ние многу ја цениме посветеноста на премиерот на оваа идеја и јас лично сум убеден дека до крајот на деценијата Грузија навистина ќе биде подготвена и во најдобра форма да стане земја-членка на ЕУ“, истакна тој на заедничката конференција со грузискиот премиер Иракли Кобахидзе во рамките на неговата посета на Тбилиси.

Орбан рече дека Унгарија знае што е војна, но и што е мир.

„Знаеме што е војна - се води во соседна земја. Но знаеме и што е мир. Унгарија е мирољубива земја во Европа и позитивно ги оценуваме вашите обиди, бидејќи вие сте на страната на мирот. Никој не сака да ја уништи сопствената земја и да ја вовлече во бесмислена војна“, рече унгарскиот премиер.

Тој истакна дека го разбира изборот на грузискиот народ во корист на мирот.

„Уште еднаш нагласувам: Грузискиот народ направи избор во корист на мирот! Народот направи европски избор! Затоа, верувам дека владејачката партија е посветена на европската интеграција“, рече Орбан.

Унгарскиот премиер посочи дека Грузија е единствената земја чиј Устав предвидува сите влади да не штедат напори во насочување кон европската интеграција на земјата. И во такви услови, напомена, е „смешно“ тоа да се доведува во прашање.

Кобахидзе му се заблагодари на Орбан за посетата и „плодната“ унгарско-грузиска соработка во сите области.

Тој го истакна унгарското претседавање со Советот на Европската унија и нагласи дека, бидејќи главниот надворешнополитички приоритет на Грузија е пристапувањето во ЕУ, тој високо ја цени поддршката на Унгарија за аспирациите на Грузија кон ЕУ.

Кобахидзе, исто така, ги истакна заедничките христијански вредности на двете земји и му се заблагодари на Орбан за поддршката на неговата земја за територијалниот интегритет на Грузија.

Изборната комисија најави дека денеска ќе се пребројуваат гласовите во пет избирачки места по случаен избор во секоја изборна единица, откако меѓународните набљудувачи предупредија на недостатоците на саботните парламентарни избори, на кои победи владејачката партија, а опозицијата не ги признава резултатите.

Според податоците на ЦИК, на парламентарните избори излезноста била 58,94 отсто, а по пребројувањето на 99,3 отсто од гласовите, водечката партијата „Грузиски сон“ освоила 54.08 % од гласовите.

Пред грузискиот парламент во Тбилиси, вчера илјадници луѓе протестираа поради извештаите за нерегуларности во гласањето, поради што западните земји побараа истрага.

Во меѓувреме, многу членови на ЕУ ја критикуваа посетата на Орбан на Грузија и ја оценија како избрзана, а шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, јасно стави до знаење дека унгарскиот премиер не ја претставува ЕУ во Тбилиси.

TRT Balkan / агенции
Популарни