Претседателката на Косово Вјоса Османи за време на работната посета на Германија се сретна со министерката за надворешни работи на таа земја Аналена Баербок и побара продолжување на германската поддршка за членството на Косово во Советот на Европа, НАТО, Европската унија и другите меѓународни организации.
На средбата Османи истакна дека Германија е стратешки партнер од политички, безбедносен и економски аспект и дека Косово е благодарно за континуираната поддршка.
Тема на разговор меѓу Османи и Баербок биле и актуелната политичко-безбедносна ситуација, соопштија од кабинетот на претседателката на Косово.
Османи посочи дека целта на косовските институции е интеграција на Србите во општеството и институциите, но дека Србија и нејзиниот претседател го попречуваат тоа.
Во овој контекст, Османи истакна дека Косово во процесот на дијалог со Србија покажа посветеност на решавање на прашања кои се во интерес на граѓаните и регионалниот мир и стабилност.
Таа нагласи дека Косово го прифати основниот договор и Охридскиот анекс предложен од Европската Унија, а кој беше поддржан од Соединетите Американски Држави.
Меѓу другото, на средбата беа реафирмирани добрите односи меѓу двете земји и се разговараше за можностите за натамошно продлабочување на билатералните односи, вклучително и заеднички ангажман во исполнувањето на зелената агенда.
Според Османи, односите меѓу Косово и Германија уште повеќе ги зајакнува значителниот број на косовската дијаспора, која успешно е интегрирана во германското општество.