Османи: Не треба да има дилеми дека ги зпаочнавме преговорите со ЕУ / Photo: AA

Годинава постигнати се три пробиви во македонската надворешна политика, оцени денеска на годишната средба со новинарите шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

„Постигнувањата во надворешната политика ја одбележаа 2022 година и по однос на квалитет, квантитет и по интензивност. Постигнати се три пробиви – Брисел, Софија и Вашингтон, кои поминаа во сенка на руската воена агресија во Украина. Претседавањето на ОБСЕ ќе ја одбележи идната година“, рече Османи.

Во однос на Брисел, Османи го подвлече како што рече, историското постигнување – почетокот на преговорите со ЕУ.

„Знам дека постоеја дилеми и се уште постојат дали беа почнати преговорите. Никој да нема дилеми дека на 19 јули Република Северна Македонија ги почна преговорите, го почна скринингот како еден од најсуштествените елементи на самите преговори. Со скринингот правиме детален дизајн на процесот на преговори, а отворањето и затворањето на поглавјата е всушност местење на цигли од тоа што е утврдено во три акциски планови и бенчмарковите”, рече Османи.

Како втор историски успех, Османи го издвои завршувањето на процесот на меѓународно етаблирање на македонскиот јазик, односно затворање на т.н. прашање за македонскиот јазик во меѓународна употреба. Тоа според македонскиот министер за надворешни работи било направено со донесувањето на Преговарачката рамка со ЕУ на 19 јули потврдена и со потпишувањето на Договорот со Фронтекс.

Во однос на Бугарија, рече, тие преговори овозможија рамка во која ќе се одвиваат односите меѓу двете земји.

„Се разбира таму има предизвици и ќе имаме предизвици, во текот на целата година, меѓутоа гледате дека во јавниот дискурс не не контаминираат секојдневно тие односи со Бугарија, туку ставени се во една институционална рамка во која историските прашања ги решаваат историчарите, а институциите ги решаваат институционалните прашања и дилеми. Тоа нема да биде лесно, гледате отпор, обиди за киднапирање на таа агенда, имаше отворање на клубови со провокативни имиња, обиди да не оттргнат од нашите намери. Меѓутоа тие не можат да бидат толку активни, колку што ние ќе бидеме упорни во намерата да изградиме доверба и нормални односи меѓу нашите држави”, рече Османи.

Третиот пробив според Османи е Вашингтон, односно 31 мај и започнувањето на стратешкиот дијалог, како нова фаза во односите меѓу двете држави.

„САД се нашиот најважен стратешки партнер, со кој што имаме стратешки договор од 2008 година, кој од пасивна рамка сега станува активна рамка, акциски план со конкретни чекори кои ќе се следат на годишна основа на највиско ниво меѓу Стејт департментот и МНР”, рече Османи.

Она што ќе ја одбележи идната година е претседавањето со ОБСЕ, која е најголемата регионална безбедносна организација во која членуваат и САД и Русија, а кое стартува од 1 јануари. Османи информира дека Северна Македонија од следната година го презема и претседавањето со уште две платформи – А5 Јадранската повелба и со ПСЈИЕ

TRT Balkan / агенции
Популарни