Бројот на убиени во рускиот ракетен напад доцна синоќа врз украинскиот град Запорожје се искачи на осум, соопштија денес локалните власти.
„Уште едно тело е извлечено од урнатините во Запорожје. Досега осум лица се убиени во руски ракетен напад врз приватна медицинска установа во градот“, објави Украинската државна служба за итни случаи на Телеграм.
Понатаму во соопштението се наведува дека во нападот се повредени уште 22 лица, меѓу кои и едно дете.
Исто така, се наведува дека на местото на нападот во тек се операции за пребарување и спасување, стравувајќи дека сѐ уште е можно да има заробени луѓе под урнатините.
Гувернерот на Запорожје, Иван Федоров, исто така, го потврди бројот на жртвите, пишувајќи на Телеграм дека во нападот врз подрачјето на градот Вознесенивскји се оштетени 20 станбени згради и три други згради во градот кои не се станбени.
Доцна синоќа Федоров објави дека во нападот загинале четири лица, а 20 се повредени.
„Сега немаме доволно системи за да ја заштитиме нашата земја од руските ракети. Но нашите партнери ги имаат овие системи. Повторуваме, повторно и повторно, дека системите за противвоздушна одбрана треба да спасуваат животи, а не да собираат прав во базите за складирање“, рече претседателот Владимир Зеленски во вечерното видеообраќање.
Руските власти сѐ уште не го коментираа инцидентот.