Поранешниот пакистански премиер Имран Кан, кој моментално е во затвор, ги повика своите приврзаници да се соберат на протест следната недела и се закани дека ќе започне граѓанска непослушност, неколку дена откако властите ги забранија протестите организирани од неговата партија во кој загинаа десетина луѓе во Исламабад.
Во објавата на платформата Х, Кан ги повика своите поддржувачи да дојдат во Пешавар, главниот град на провинцијата Сајбер Пахтунхва, која е предводена од неговата партија Пакистан Техрек-е-Инсаф (ПТИ), на 13 декември.
Тој побара судска истрага за насилната реакција на властите на протестниот марш на 25 ноември, во кој, според неговите тврдења, биле убиени најмалку 12 негови приврзаници.
Тој го спомена и насилството од 9 мај минатата година, во кое беа убиени осум лица.
Кан побара и ослободување на сите политичари кои беа уапсени за време на тие протести, предупредувајќи дека доколку овие барања не се исполнат, неговата партија ќе започне граѓанска непослушност на 14 декември и дека властите ќе сносат одговорност за сите последици.
Владата ги негира наводите за убиства за време на протестите на 25 ноември.
Кан вчера беше обвинет дека го наредил нападот на 9 мај, што тој го негира.
Ова обвинение е последно во низата постапки против поранешниот премиер, кој е во затвор од крајот на минатата година.
Кан и неговата партија тврдат дека обвиненијата биле измислени за да го принудат да излезе од политичкиот живот под притисок на војската, откако тој се судри со военото раководство пред неговото соборување во 2022 година.
Судот во Пакистан, пак, вчера издаде налог за апсење на сопругата на Кан, Бушра Кан, позната по прекарот „Биби“, во случај на корупција.
Бушра Кан беше ослободена од затвор во октомври, откако беше притворена девет месеци во случај поврзан со нелегална продажба на државни подароци за време на мандатот на нејзиниот сопруг од 2018 до 2022 година.
Биби (50), која мобилизираше илјадници приврзаници од ПТИ за масовните протести минатиот месец, побегна во северозападната партиска провинција Хајбер Пахтунхва откако паравоените сили го прекинаа митингот во Исламабад.