Неколку припадници на безбедносните сили и демонстранти се убиени или повредени за време на судирите со приврзаниците на поранешниот пакистански премиер Имран Кан, кои влегоа во главниот град Исламабад и покрај тоа што владата распореди војска.
Кан е осуден или обвинет за повеќе случаи на корупција, како и за оддавање на државни тајни.
Главниот конвој од илјадници возила го започна својот марш во неделата од Пешавар, главниот град на северозападната провинција Хајбер Пахтунхва и конечно влезе во Исламабад во вторникот наутро.
Стотици илјади луѓе од цел Пакистан од саботата маршираат кон Исламабад, барајќи ослободување на Кан.
Демонстрантите се предводени од премиерот на провинцијата, Али Амин Гандапур и сопругата на Кан, Бушра Биби.
„Конечно стигнавме до Исламабад и сега полека се движиме во Д-Чок каде ќе одржиме мирен протест“, рече Лиакат Али, советник на Амин.
Д-Чок е голем градски плоштад лоциран во Исламабад, во близина на неколку важни владини згради како што се претседателството, кабинетот на премиерот, парламентот и врховниот суд.
Владата веќе го прогласи местото за „Црвена зона“, велејќи дека таму нема да бидат дозволени протести поради близината на сите важни институции.
Сепак, сопругата на Кан, Бушра Биби, во понеделникот рече дека поддржувачите на партијата Техрик-е-Инсаф (ПТИ) ќе стигнат до Д-Чок и ќе одржат мирен протест таму додека Имран Кан не биде ослободен.
Владата распореди војска во главниот град за да го заштити градот, бидејќи белорускиот претседател Александар Лукашенко исто така пристигна во понеделникот вечерта во тридневна посета на Пакистан.
Надлежните го успорија и интернетот, а социјалните мрежи не работат со полн капацитет.
Армијата е исто така овластена да воведе полициски час на кое било место доколку смета дека е неопходно да се одржува редот.
На армијата и е наредено да преземе екстремни мерки како што е пукање врз бунтовниците во случај на „влошување на ситуацијата“.
Во вторникот наутро избувнаа судири меѓу демонстрантите и полицијата внатре и надвор од Исламабад.
Видеата на социјалните мрежи покажаа дека полицијата испукала солзавец додека членовите на ПТИ се обидувале да влезат во градот.
Според државните медиуми, најмалку шестмина припадници на безбедносните сили биле убиени за време на протестот, додека владата ги обвини припадниците на ПТИ за напад врз припадниците на вооружените сили.
ПТИ ги отфрли тврдењата и рече дека припадници на паравоени единици биле убиени откако биле прегазени од возило на армијата.
ПТИ, исто така, тврди дека паравоените сили застрелале најмалку 20 демонстранти, а бројот на жртвите се зголемува.
Премиерот Шехбаз Шариф и министерот за внатрешни работи Мохсин Накви ја осудија смртта и наредија откривање и казнување на виновниците.
Основачот на ПТИ, Кан, повика на протестни собири низ целата земја и побара од луѓето да дојдат во главниот град, по наводно наместените избори на 8 февруари. Тие побараа ослободување на политичките затвореници и поништување на контроверзните промени во судството во јужноазиската земја.
На многу места беа раскопани патишта, а на автопатите беа поставени камиони и тешки камења за да се блокираат собирите.
Сепак, демонстрантите ги расчистија патиштата и продолжија со протестот.
ПТИ одржа десетици вакви собири и демонстрации низ целата земја откако Кан беше соборен од власт во април 2022 година.