Четиринаесет палестински деца болни од рак, чие лекување го презеде Италија, пристигнаа во главниот град Рим во придружба на нивните семејства со авион на италијанското воено воздухопловство.
Децата претходно во средата беа пренесени во Египет од Појасот Газа.
Тие беа префрлени во Рим како дел од италијанската програма за хуманитарна помош за палестинскиот народ.
Вицепремиерот и министер за надворешни работи Антонио Тајани ги пречека Палестинците на аеродромот.
Палестинските деца ќе бидат лекувани во неколку болници низ Италија.
„По ова, се надевам дека ќе можеме да им помогнеме на уште повеќе луѓе. Пристигнаа нови барања. Ќе дадеме се од себе да им ги олесниме маките“, рече Тајани.
Тој порача дека мора да се ублажат страдањата на палестинскиот народ, изразувајќи надеж дека прекинот на огнот ќе продолжи.
Тајани се осврна и на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа.
„Позицијата на Италија не е променета, а тоа е решение на два народа и две држави“, рече тој.
Трамп на 4 февруари рече дека САД ќе ја „преземат“ Газа и ќе ги населат Палестинците на друго место според планот за реконструкција за кој тврдеше дека може да ја претвори енклавата во „ривиера на Блискиот Исток“.
Предлогот на Трамп, кој беше широко отфрлен од Палестинците, како и од пошироката арапска и муслиманска заедница, доаѓа во време на кревкиот прекин на огнот што стапи на сила во Газа на 19 јануари.
Овој прекин на огнот привремено ја запре 15-месечната израелска офанзива, во која загинаа повеќе од 48.200 луѓе и ја остави Газа во урнатини.
Израел ја држеше Газа под блокада веќе 18 години, претворајќи ја во „најголемиот затвор на светот на отворено“.
Речиси два милиони жители на Газа се насилно раселени од почетокот на војната по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, додека се соочуваат со акутен недостиг на храна, вода и лекови поради израелските ограничувања.