Пазете што купувате: Најмногу манипулации со медот и месото                  Фото: ХИНА 

Дали сте биле измамени или сте се почувствувале измамени кога сте купиле некоја намирница во супермаркет, на пазар или во локалната продавница? Неодамна спроведено истражување покажа дека манипулации има насекаде, па и во земјите од Европската Унија.

Медот, месото, храната за која се тврди дека била одгледувана според еколошки стандарди, маслиновото масло и сувомеснатите производи се меѓу прехранбените продукти за кои жителите од Хрватска сметаат дека се најмногу изманипулирани.

Ова се податоците до кои дојде истражувањето за степенот на манипулација со потеклото и составот на прехранбените производи во рамки на Европската Унија. Резултатите ги презентираше европратеничката Биљана Борзан, една од главните иницијатори на стратегијата „Од нива до трпеза”

Според Борзан, во истражувањето 50 проценти од граѓаните се изјасниле дека се изманипулирани при купување мед, 49 проценти биле изманипулирани со месо, 45 проценти со храна од еколошко потекло. Во 38 проценти од случаите граѓаните имале чувство дека се изманипулирани при купување маслиново масло, а 27 проценти при купување сувомеснати производи.

„Многу често се увезува мед кој не е вистински и во него се става шеќерен сируп кој според вкусот и изгледот е многу сличен на медот. Често се случува еко-храната да содржи состојки кои не се дозволени во еколошкото производство на земјоделски производи. Граѓаните многу добро знаат каде најмногу се манипулира”, рече Борзан при презентацијата на резултатите од истражувањето.

Таа истакнува дека најмногу погрешни информации производителите даваат за својствата, потеклото и составот на производите.

„Маслиновото масло и медот можат да имаат ознака „мешавина ЕУ/не ЕУ, што е недостаток на законодавството на Европската унија. Само 35 проценти од испитаниците редовно ги читаат декларациите на производите. Причина за тоа се декларациите кои не се напишани разбирливо и читко”, изјави Борзан.

Истражувањето е спроведено врз 805 испитаници. Резултатите Борзан ќе ги користи како дел од нејзините законски иницијативи во Европскиот парламент во рамки на стратегијата „Од нива до трпеза”.

TRT Balkan / агенции
Популарни