Идниот аџија по име Сахид пешачел три години од градот Кејптаун во Јужна Африка за да стигне до Мека, Саудиска Арабија, за аџилак.
Во видеото објавено на твитер-профилот „Africa Facts Zone“, идниот аџија вели дека се вика Сахид и дека пешачел три години за да стигне до Мека.
Тој рече дека тргнал на пат од родниот Кејптаун на 30 август 2018 година, а потоа пешачел низ Зимбабве, Замбија, Танзанија, Кенија, Судан и Египет и пристигнал во Палестина.
Како што рече, во Џамијата „Ал Акса“ останал повеќе од една година поради затворањето на границите за време на пандемијата на Ковид-19.
По повторното отворање на границите, преку Јордан пристигнал во Медина, а потоа во Мека. Сахид изјави дека по завршувањето на аџилакот планира пеш да се врати во родниот град. Неговата изјава за ова необично патување привлече големо внимание на социјалните мрежи.
Аџилакот е обред на муслиманите и претставува последен од петте столбови на исламот. Да се посети Мека и да се изврши аџилакот барем еднаш во животот е должност на секој полнолетен, умствено и физички здрав муслиман, чии финансиски околности го овозможуваат тоа.