Петте членови на екипажот во авионот на Крајбрежната стража се мртви / Photo: AA

При судир меѓу авион на „Јапан ерлајнс“ и авион на Јапонската крајбрежна стража на аеродромот во Токио денес загинаа пет членови на екипажот, соопшти полицијата.

Авионот на Крајбрежната стража превезувал помош за луѓето погодени од земјотресите што вчера ја потресоа земјата.

Јапонската полиција потврдила дека петте членови на екипажот во авионот на Крајбрежната стража се мртви, објави токиски „Кјодо њуз“.

Двата авиона се судрија по слетувањето на авионот на „Јапан ерлајнс“ на аеродромот „Ханеда“ во Токио.

Летот на „Јапан ерлајнс“ превезуваше 379 патници и членови на екипажот од аеродромот Њу Читозе на Хокаидо.

Сите писти на аеродромот се затворени по инцидентот.

Јапонската крајбрежна стража соопшти дека авионот бил распореден да пренесува помош за луѓето погодени од земјотресите што вчера ја потресоа префектурата Ишикава, покрај морскиот брег на островот Хоншу.

Најмалку 48 лица загинаа во неколкуте земјотреси во изминатите 24 часа.

На снимката емитувана на јапонската државна телевизија НХК се гледа како голем дел од авионот гори на аеродромот „Ханеда“, и работата на аеродромските власти на гаснење на пожарот.

AA
Популарни