Трката за нов британски премиер почнува откако Борис Џонсон денеска поднесе оставка од функцијата претседател на Конзервативната партија бидејќи неговиот кабинет во последните 48 часа го напуштија повеќе од 50 министри и советници.
Џонсон, обраќајќи се на новинарите пред својот кабинет, изјави дека распоредот околу изборот на новиот лидер на конзервативците ќе биде објавен наредната недела.
„Процесот на избор на нов лидер треба да започне сега, а распоредот ќе биде објавен следната недела“, рече Џонсон.
Тој најави дека ќе продолжи да ја извршува функцијата премиер на Велика Британија до именувањето на нов претседател на Конзервативната партија. Рече и дека денеска ќе именува нови членови на Владата.
Потсети дека милиони луѓе гласале за неговата партија во 2019 година и се заблагодари за, како што рече, „неверојатниот мандат и најголемото конзервативно мнозинство од 1987 година“.
Истакна дека е исклучително горд на достигнувањата на неговата влада, особено по повлекувањето на Велика Британија од Европската Унија, како и на борбата на неговата земја против пандемијата на коронавирусот и руската агресија во Украина.
Тој ја повтори британската поддршка за Украина, велејќи дека неговата земја „ќе продолжи да ја поддржува борбата за слобода онолку долго колку што е потребно“.
Лавината оставки во Владата на Џонсон започна во вторникот вечерта кога Риши Сунак и Саџид Џавид, министрите за здравство и финансии, поднесоа оставки.
Повеќе од 40 министри и помошници поднесоа оставки вчера, што е рекорд за период од 24 часа. Во четвртокот, уште 14 советници на Џонсон поднесоа оставки.
Џонсон беше избран за нов претседател на британската Конзервативна партија на 23 јули 2019 година и беше еден од најгласните поборници за излез на земјата од Европската Унија.