По министрите за финансии и за здравство, уште тројца членови на британската Влада денеска поднесоа оставки, што го зголеми политичкиот притисок врз премиерот Борис Џонсон.
Во оставката која ја испрати до Џонсон, министерот за деца и семејство, Квинс Вил, рече дека „немал друг избор освен да поднесе оставка како министер“, затоа што користел лажни информации за да го брани Џонсон во врска со скандалот со назначувањето на Крис Пинчер.
Министерката за транспорт, Лора Трот, утрово поднесе оставка, велејќи дека ја напушта Владата поради губење на довербата.
И министерот за училишта, Робин Вокер, исто така, поднесе оставка.
„Денеска ја понудив мојата оставка во Владата и со нетрпение очекувам да ги поддржам Конзервативците и да водам кампања за Ворчестер од задната клупа. Ми беше привилегија да работам за поддршка на нашите брилијантни училишта“, напиша тој на Твитер.
Во писмото за оставка тој наведува дека неодамнешните настани му дале до знаење дека големата партија, за која се залагал цел живот, го оттргнала вниманието од своите основни мисии, фокусирајќи се на лидерските прашања.
Риши Сунак и Саџид Џавид, министрите за здравство и финансии, поднесоа оставки синоќа.
Џонсон го именуваше Надим Захави за нов министер за финансии, а Стивен Баркли за нов министер за здравство.
Со последните оставки, притисокот врз Џонсон се зголеми повеќекратно, бидејќи многумина во неговите редови и опозициските партии бараат негова итна оставка.
Џонсон го преживеа неодамнешното гласање за доверба и според партиските правила не може да се иницира ново негово преиспитување една година.
Се очекуваат повеќе повици за оставка на Џонсон за време на седницата на Долниот дом подоцна во текот на денот.